Dmitri Chirciu
20 Јуни 2024•Ажурирај: 22 Јуни 2024
МОСКВА (АА) – Рускиот претседател Владимир Путин денеска пристигна во официјална посета на Виетнам, а во Ханој беше пречекан од виетнамскиот претседател То Лам, јавува Анадолу.
Кремљ соопшти дека Путин и Лам одржале состанок во Ханој и дека на него присуствувале пошироки делегации од двете земји.
Говорејќи во делот од средбата кој беше отворен за новинарите, Путин потсети дека договорот за пријателство меѓу Русија и Виетнам е потпишан пред 30 години.
„Зајакнувањето на сеопфатното стратешко партнерство со Виетнам е меѓу нашите приоритети“, нагласи Путин.
Истакнувајќи дека односите на полето на економијата и трговијата се подобрени, Путин рече дека обемот на билатералната трговија минатата година се зголемил за осум отсто.
„Русија му придава значење на развојот на дијалогот со Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија - АСЕАН, во која Виетнам е една од водечките членки“, рече Путин.
Виетнамскиот претседател Лам исто така нагласи дека придаваат значење на развојот на односите со Русија.
„Не забораваме дека рускиот народ нѐ поддржуваше во нашата борба за независност во минатото, во градењето на нашата земја, како и во оваа фаза на развој“, рече Лам.
Истакнувајќи дека Виетнам води независна, мирна и разновидна надворешна политика, Лам рече дека придаваат големо значење на развојот на традиционалното пријателство и сеопфатното стратешко партнерство со Русија.
„Русија ја сметаме за еден од приоритетите на надворешната политика на Виетнам“, рече Лам.