Elena Teslova
01 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе оствари телефонски разговор со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Русија и Турција имаат различни ставови за голем број прашања, но тоа не ги спречува да разговараат за контроверзиите на пријателски начин“, рече Лавров во извештајот до членовите на Горниот дом на рускиот Парламент – Советот на Федерацијата – во Москва.
„Односите меѓу лидерите на Русија и Турција, меѓу министрите за надворешни работи и меѓу другите членови на владите се многу позитивни“, рече тој, додавајќи дека и покрај бројните разлики за важни меѓународни прашања, разговорите за овие разлики и како да се справат со нив поефикасно, секогаш се одвиваат на пријателски, искрен и заемно почитуван начин.
„Турција има „посебен став“ за украинскиот конфликт и има добри односи со двете земји, – како што делумно изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој оваа недела предложи да служи како посредник меѓу Москва и Киев“, нагласи Лавров.
„Планиран е телефонски разговор меѓу нашите лидери. Мислам дека ќе се разговара и за прашањата поврзани со Украина“, истакна тој.
Лавров, исто така, ги повика Западот и НАТО да се откажат од, како што го нарече, „деструктивниот пристап“ на воена поддршка за Украина - испорака на оружје и испраќање воени инструктори во земјата - нагласувајќи дека таквите дејствија само водат до дополнителна ескалација.
Изнаоѓањето заемно прифатливи договори е можно само преку компромиси, но се чини дека западните партнери ја губат способноста за конструктивен дијалог, што ја прави задачата да се најде заеднички јазик речиси невозможна.
Претходно, портпаролката на МНР, Марија Захарова, најави дека Лавров, меѓу другите, ќе се сретне со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и американскиот државен секретар Ентони Блинкен на маргините на министерскиот состанок на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Стокхолм, Шведска, кој започнува в петок.
Долгогодишните тензии околу руската анексија на Крим во 2014 година беа влошени од сепаратистите поддржани од Русија во источниот пограничен регион Донбас, заедно со руското воено засилување кое Западот го осуди.
САД, Генералното собрание на ОН и Турција го сметаат анектирањето на Крим нелегално.
И покрај военото распоредување на границата, Русија ја обвини Украина за провокации, обвинение кое Киев го негира.