Dmitri Chirciu
14 Јуни 2020•Ажурирај: 15 Јуни 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека настаните во Соединетите Американски Држави (САД) се манифестација на некои длабоки кризи во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на рускиот државен телевизиски канал „Rossiya 1“, Путин даде свој коментар за демонстрациите поради бруталните полициски апсења и убиствата на Афроамериканците во Минеаполис и во Атланта.
„Она што се случува во САД е манифестација на некои длабоки внатрешни кризи“, нагласи Путин и рече дека ги набљудуваат внатрешните кризи во земјата од доаѓањето на американскиот претседател Доналд Трамп на власт.
„Трамп победи на изборите демократски. Губитникот измислува секакви приказни за да го доведе во прашање неговиот легитимитет“, рече Путин.
Тој посочи дека епидемијата на коронавирусот на виделина изнела голем број проблеми во САД, меѓу кои и проблемите во политичкиот систем на земјата.
„Мислам дека проблемот произлегува од тоа што интересите на партиите се над интересите на целото општество и на народот“, додаде Путин.
Тој тврдејќи дека Русија се наоѓа на првото место во однос на развојот на нови видови оружје рече:
„Ние не го модернизираме само постојниот потенцијал за вооружување, воведуваме и нови комплекси. Во оваа смисла, можеме да кажеме дека сме број еден во светот.“
Посочувајќи дека водечките земји на военото поле немаат хиперсонично оружје, Путин рече: „Кога нашите партнери ќе го поседуваат ова оружје, ние најверојатно ќе имаме алатки за борба против овие оружја.“