Dmitri Chirciu
19 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин истакна дека одобрувањето на буџетот за одбрана во американскиот Сенат, кој вклучува санкции за гасоводот „Северен тек 2“ е непријателско однесување, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Путин, на годишната прес-конференција во главниот град Москва се осврна на тековните случувања.
Тој, оценувајќи го одобрувањето на буџетот за одбрана во американскиот Сенат, кој вклучува санкции за гасоводот „Северен тек 2“, рече: „Ова секако е непријателско однесување кон Русија. Секако дека тоа ќе влијае на нашите билатерални односи. Ќе одговориме на санкциите врз основа на реципроцитет.“
- „Нема други договори освен Договорот од Минск“
Путин, осврнувајќи се на прашањето на источна Украина, истакна дека договорите од Минск не треба да се менуваат.
„Ако почнеме да ги разгледуваме договорите од Минск, ситуацијата ќе дојде до една точка каде што ќе нема излез. Нема други договори освен Договорот од Минск“, нагласи Путин.
Путин исто така ја истакна важноста да се направат неопходни измени во украинскиот Устав во однос на доделување посебен статус на регионот Донбас.
„Признавањето на специјалниот статус на Донбас мора да биде трајно. Потоа статусот мора да биде вклучен во Уставот. Но, ниту поранешната администрација на Украина, ниту сегашната администрација, не сакаат да го сторат тоа“, нагласи Путин.
Наведувајќи дека украинските власти треба да воспостават директен дијалог со Донбас, Путин рече дека во Донбас немало странски војници.
Меѓу другото, Путин го спомена проблемот со снабдувањето со природен гас меѓу Русија и Украина и испораката на руски гас во Европа преку Украина.
„Ние сме подготвени да ја заштитиме оваа линија, иако е скапо за нас да испраќаме гас во Европа преку Украина. Ќе продолжиме да го транспортираме нашиот гас во други земји преку Украина, и покрај проектите за гасоводот како што се „Турски тек“, „Северен тек 2““, рече Путин.
Путин исто така додаде: „Ние сме подготвени да ѝ обезбедиме гас на Украина со попуст од 25 проценти. Сакаме Украина да биде задоволна од договорот за гас.“
- „Одлуката на ВАДА против олимписките принципи“
Владимир Путин, оценувајќи ја одлуката на Светската антидопинг агенција (WADA), која на Русија ѝ забрани 4 години да учествува на олимпијадите и светските првенства со образложение дека не ги спроведувала допинг-правилата, истакна: „Одлуката на Светската антидопинг-агенција е спротивна на принципите на олимпијадите.“
Путин, тврдејќи дека многу од спортистите немаат никаква врска со допингот, рече дека казните треба да бидат индивидуални.