Elena Teslova
17 Јануари 2020•Ажурирај: 17 Јануари 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател, Владимир Путин, ќе учествува на конференцијата за Либија што треба да се одржи во Берлин на 19 јануари, соопшти Кремљ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Путин ќе учествува во размената на мислења за проблемите во врска со договорот за Либија, вклучувајќи го и воспоставувањето на одржлив прекин на огнот и започнувањето на политички дијалог под покровителство на ОН“, соопшти Кремљ на својата официјална страница.
„Клучниот договор ќе биде запишан во финалниот документ на конференцијата“, пишува во соопштението.
По иницијатива на Турција и Русија во Либија е прогласено примирје на 12 јануари, а преговорите во Москва не резултираа со потпишување на мировен договор, бидејќи генералот Калифа Хафтар ги напушти преговорите без потпис.
Германија се обидува да ги донесе конфликтните страни на конференцијата во Берлин, но и државите загрижени за либиското прашање, во обид да постигнат постојан прекин на огнот и да го отворат патот за политичко решение на конфликтот.
Меѓународната конференција ќе се одржи во Берлин на 19 јануари, при што учесниците ќе бараат решение за кризата во Либија.