Ekipa
19 Октомври 2017•Ажурирај: 20 Октомври 2017
БАРСЕЛОНА (AA) - Претседателот на Каталонија, Карлес Пучдемон, денеска изјави дека ќе прогласи независност на покраината доколку Владата на Шпанија не се согласи на преговори и ако се обиде да воведе власт со којашто на Каталонија ќе ѝ биде одземена автономијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во 10 часот утрово истече вториот рок што шпанската Влада од Мадрид му го даде на лидерот на Каталонија за да го повлече декретот за проглас на независност или прецизно да се изјасни иако тој не го ни донесе по неодамнешниот неуставен референдум во таа покраина.
Пучдемон утрово порача дека Парламентот на Каталонија ќе ја изгласа одлуката за независност доколку Владата од Мадрид продолжи да врши притисок и ако не прифаќа дијалог.
Тој минатата недела во покраинскиот Парламент формално прогласи независност, но веднаш потоа го повлече прогласот и на официјален Мадрид му понуди преговори.
Шпанската Влада го одби предлогот и на Пучдемон му даде рок прецизно да се изјасни дали прогласил независност.
Од кабинетот на шпанскиот премиер Маријано Рахој утрово е најавено дека владата в сабота ќе одржи вонредна седница на којашто ќе се одлучува за активирање на членот 155 од Уставот, кој предвидува да се воведе принудна власт и одземање на автономијата во Каталонија.