Ata Ufuk Şeker
14 Март 2017•Ажурирај: 15 Март 2017
БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската мрежа за борба против расизмот (ЕНАР), Амел Јасеф, во врска со одлуката на Европскиот суд на правдата изјави: „Оваа одлука не е ништо друго, туку забрана за муслиманите“, јавува Anadolu Agency (AA).
Европската мрежа за борба против расизмот (ЕНАР), со седиште во Брисел, е организација што ги обединува сите невладини организации чии членови се муслимани кои ги спроведуваат своите активности во земјите на ЕУ. Претседателката на ЕНАР, Амел Јасеф даде изјава во врска со одлуката на Европскиот суд на правдата, за носењето шамии.
Јасеф истакна дека оваа одлука е донесена со цел во приватниот сектор да се спроведе дискриминација врз муслиманките кои се облекуваат во согласност со својата вера и додаде: „Оваа одлука не е ништо друго, туку забрана за муслиманите“.
Јасеф потсети дека слободата на вероисповед и пристапот до пазарот на трудот се основните човекови права. „Ова е загрижувачка одлука којашто на ефикасен начин ќе ги држи муслиманките подалеку од работните места“, рече Јасеф за одлуката на Европскиот суд на правдата.
Таа изјави дека е неприфатлив коментарот на судот по оваа одлука, истакнувајќи дека тоа ќе биде причина барањата на клиентите кон работодавачите да бидат поставени над основните права на вработените, а на работодавачите ќе им се даде право да спроведуваат дискриминација.
Според Јасеф, при донесувањето на одлуката, Европскиот суд на правдата не ги земал предвид муслиманските жени од Европа, кои и онака се среќаваат со сериозни проблеми во ЕУ, а ним уште повеќе им се отежнува состојбата со оваа одлука.
Европскиот суд на правдата, со седиште во Луксембург, донесе пресуда која гласи: „Доколку е потребно, работодавачите на работните места можат со внатрешни правила да ја забранат употребата на политички, филозофски или верски симбол и истовремено оваа регулатива не претставува дискриминирачки акт“.