Haydar Karaalp
17 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
БАГДАД (АА) - Министерот за внатрешни работи на Регионалната курдска управа на северот на Ирак (IKBY), Ребер Ахмед, истакна дека Иран користел воени проектили во нападот врз Ербил, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ахмед, кој дојде во главниот град Багдад, учествуваше на седницата на Комисијата за истрага на факти, формирана во ирачкиот Парламент по ракетните напади врз Ербил на 13 март.
Според вестите на локалните медиуми, Ахмед на брифингот со членовите на Комисијата истакнал: „Нападот во Ербил е напад врз добрососедските односи, суверенитетот на Ирак и договорите. Задоволни сме од солидарноста на ирачкиот Парламент со нас. Проектилите што се користени во нападот се проектили кои ги преминаа границите и се користени само во војни.“
Наведувајќи дека Иран не го известил Ербил пред нападот, Ахмед рече дека цел на нападите биле цивилни населби.
Ахмед, кој на изборите во Ирак е претседателски кандидат на Демократската партија на Курдистан (KDP), изјави дека вратите на Ербил се отворени за меѓународните страни и за Иран доколку сакаат да дојдат во Ербил и да ги истражат фактите за нападот.
- Одговорноста ја презеде Армијата на иранската револуционерна гарда
Единицата за борба против тероризмот на ИКБЈ на 13 март соопшти дека Ербил бил нападнат со 12 балистички проектили надвор од Ирак и дека проектилите биле насочени кон населба во градот околу Американскиот конзулат.
Одговорноста за нападот врз Ербил ја презеде Армијата на Иранската револуционерна гарда.
Во соопштението на Револуционерната гарда се укажува на неодамнешните напади на Израел во регионот и се истакнува дека „со проектили на Револуционерната гарда е погоден израелски центар“.
Од друга страна, ИКБЈ истакна дека Иран ги повторил своите напади и дека молкот на меѓународната заедница ќе го отвори патот да продолжи со овие напади.