Burak Karacaoğlu,Eşref Musa
01 Ноември 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
ИДЛИБ (АА) - Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и странските терористички групи кои пружаат поддршка на режимот, и покрај постигнатиот договор за заштита на прекинот на огнот од Сочи, продолжуваат со нападите во зоната без судир во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Нападите на режимот на Асад и терористичките групи траат повеќе од две недели, а се одвиваат со артилериски напади на населените подрачја и позиции во зоната без судири во Идлиб.
Според информациите до кои дојде АА од локалните извори, припадниците на силите на режимот на Асад од синоќа започнаа поинтензивни напади на местата Морик и Латамне во северните делови на градот Хама, и во селата Теманиа, Сукејк и Лехаје, кои се наоѓаат недалеку од Идлиб.
Од почетокот на нападите на режимот на Асад убиени се најмалку 9, а повредени се 15 цивили.
Воспоставувањето на демилитаризираната зона во Идлиб, како најголема бунтовничка енклава во Сирија, е договорено на средината од минатиот месец од страна на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин. По Договорот од Сочи, во Идлиб започна нов период, а завршени се режимските и руските воздушни напади и закани.
Околу 80.000 цивили кои ги напуштија домовите во последните напади, како и во периодот пред тоа, се вратија во своите домови.
Цивилите, верувајќи во присуството на турските војници на набљудувачките точки, започнаа да ги градат срушените куќи или да ги поправаат оштетените во нападите.