Ekipa
28 Февруари 2016•Ажурирај: 29 Февруари 2016
ТЕХЕРАН (АА) - Сојузниците на иранскиот претседател Хасан Рохани, реформистите, кои се стремат кон поголеми демократски промени, на парламентарните избори ги освоија сите 30 места предвидени за Техеран, покажуваат прелиминарните резултати врз основа на 90 отсто од преброените гласови, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Листата на надежта” која ја предводи реформаторот Реза Ареф, го остави зад себе кандидатот на конзервативците, Голам Али Хадад-Адел, кој беше 31-ви по бројот на добиени гласови во Техеран.
Прелиминарните резултати од парламентарните избори во Иран покажуваат дека ниедна од трите политички фракции, колку што учествуваа на изборите, нема да освојат мнозинство во парламентот, но според бројот на гласовите реформистите и умерените конзервативци остварија мнозинство.
Во Иран во петокот се одржани избори за 290-члениот парламент од кои 30 ѝ припаѓаат на престолнината Техеран, а 260 на провинциите. Кога станува збор за местата од провинциите, сојузниците на Рохани поминаа полошо. Од 56 изборни единици надвор од главниот град, во 19 победија конзервативците, во 9 сојузниците на Рохани а во 14 независни кандидати.
Во преостанатите 14 изборни единици нема јасен победник, што значи дека ќе биде потребен втор круг кој не се очекува пред април или мај.
Овие изборни резултати, според аналитичарите, може да доведат повеќе до поделба отколку до единство во иранското законодавство.
Конечните резултати од изборите, на кои гласаа околу 60 отсто од скоро 55 милиони Иранци со право на глас, ќе бидат објавени во понеделник.
Изборите за нов состав на иранскиот парламент и верското тело познато како Собрание на експерти, се први избори по постигнувањето на нуклеарниот договор од страна на Техеран со светските сили, минатата година.
Гласањето во голем дел претставува референдум за делувањето на претседателот Рохани, откако во 2015 година е постигнат нуклеарниот договор со кој на Техеран му се укинати меѓународните санкции во замена за ограничување на неговите нуклеарни активности.
Рохани се надева дека сојузот со реформистите ќе може да го елиминира или барем да го ограничи влијанието на доминантните конзервативци во парламентот, што би овозможило спроведување на општествени и политички реформи.