Necva Taştan Sevinç
13 Мај 2025•Ажурирај: 21 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Речиси 400 претставници на филмската индустрија, вклучувајќи актери добитници на „Оскар“ и „Златна палма“, потпишаа отворено писмо со кое бараат итен прекин на злосторствата во Газа повикувајќи ја меѓународната филмска заедница пред годишниот Кански фестивал да го прекине молчењето за страдањето и смртта, јавува Анадолу.
„Барањето на потписниците е јасно – тие повикуваат на одбивање да се прифати смртта, уништувањето и катастрофата што секојдневно се одвиваат пред нашите очи во Газа, како и отфрлање на пропагандата што доведува до дехуманизација на Палестинците и многу други“, се вели во соопштението објавено денес, кога беше објавено и самото писмо.
Писмото беше објавено во пресрет на Канскиот филмски фестивал, што започнува исто така денес, и го нагласува убивањето на палестинската фоторепортерка Фатма Хасона од страна на израелските сили.
Хасона беше убиена по само еден ден откако беше објавено дека документарецот за нејзиниот живот, „Стави ја душата на дланка и оди“, е избран за прикажување во делот посветен на независен филм во рамките на фестивалот.
Меѓу потписниците на писмото се познатите актери Хавиер Бардем, Марк Рафало, Сузан Сарандон, Виго Мортенсен, Ричард Гир, Синтија Никсон, како и реномираниот режисер Педро Алмодовар.
Поддршка дојде и од добитници на награди во Кан и светски познати режисери и актери како Жастин Трие, Адел Екзархопулос, Мајк Ли, Аки Каурисмаки, Лукас Донт, Ксавиер Долан, Коста-Гаврас, Џонатан Глејзер, Рубен Остлунд, Исабел Коше, Дејвид Кроненберг, Џули Кристи и Фернандо Меирелес.
Потписниците остро ја осудија дехуманизацијата на Палестинците и побараа итен крај на она што го нарекоа „геноцид во Газа“.
Израелската Армија ги обнови нападите врз Појасот Газа на 18 март, при што според последните податоци, се убиени 2.780 лица, а ранети се речиси 7.700, со што беше прекршен договорот за прекин на огнот и размена на заробеници кој стапи на сила во јануари.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради својата војна во енклавата.