Sinan Doğan
08 Декември 2023•Ажурирај: 12 Декември 2023
БОГОТА (АА) - Британскиот музичар и композитор Роџер Вотерс го развиори палестинското знаме заедно со колумбискиот претседател Густаво Петро, јавува Анадолу.
Вотерс пристигна во Колумбија на голем концерт, а во палатата Каса де Нарино беше примен од колумбискиот претседател Петро.
Музичарот, по тој повод, на најмладата ќерка на Петро, Антонела, ѝ подари своја гитара со автограм.
На крајот на средбата Вотерс и Петро заедно го развиорија знамето на Палестина.
Во соопштението од претседателскиот кабинет се наведува дека Вотерс го замолил Петро да ги поддржи демонстрациите пред Меѓународниот суд на правдата, со цел да се запре геноцидот во Газа.
Наведено е дека средбата била возбудлива и дека претседателот Петро и Вотерс го свртеле вниманието на геноцидот во Газа.
По излегувањето на сцената во „Coliseo Live“ во Богота, Вотерс го поздрави претседателот Петро и им честита на Колумбијците што гласаа за него.
Да потсетиме, на 19 ноември колумбискиот претседател Петро изјави дека ниту еден хотел во Богота не сака да го прими Вотерс поради поддршката на музичарот за правата на Палестинците.
Петро рече дека ќе обезбеди секаква поддршка за Вотерс да одржи концерт во неговата земја и наведе дека лично ќе се погрижи за сместувањето доколку хотелите не го примат Вотерс.