Dmitri Chirciu,Davit Kachkachishvili
25 Мај 2025•Ажурирај: 26 Мај 2025
МОСКВА/КИЕВ (АА) - Размената на заробеници договорена за време на мировните преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул е завршена со размена на уште 303 војници, известува Анадолу.
Руското Министерство за одбрана објави дека размената на заробеници е извршена во согласност со договорот постигнат за време на преговорите меѓу Русија и Украина во Истанбул минатата недела, чиј домаќин беше Турција.
Во соопштението се вели:
„Уште 303 руски војници се одведени од територијата под контрола на администрацијата во Киев. За возврат се дадени 303 украински војници. Ослободените руски војници се во Белорусија и им е обезбедена потребната медицинска и психолошка поддршка. Сите тие ќе бидат транспортирани во Русија за да добијат лекување во здравствени центри поврзани со Министерството. Така, во согласност со договорите постигнати во Истанбул меѓу Русија и Украина, од 23 до 25 мај беше спроведена размена на заробеници 1.000 за 1.000 лица.“
- „Размената на заробеници е завршена“
Украинскиот претседател Владимир Зеленски на својот профил на Телеграм објави дека уште 303 заробени војници се разменети со Русија и додаде:
„Размената на 1.000 заробеници за 1.000, договорена во Турција, е завршена“.
Зеленски во објавата наведе дека ќе продолжат да работат за враќање на сите украински заробеници во своите домови.
- Преговори во Истанбул
Преговорите меѓу Русија и Украина на Турција како домаќин се одржаа на 16 мај во претседателската палата Долмабахче во Истанбул.
Двете страни се согласија да извршат голема размена на заробеници „1.000 лица за 1.000 лица“, да презентираат детални ставови за евентуално прекин на огнот, а потоа да продолжат со преговорите.
Во рамките на размената на заробеници, на 23 мај беа разменети 270 војници и 120 цивилни заробеници, а вчера беа разменети 307 војници.