Elena Teslova
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
МОСКВА (АА) - Три руски авиони тргнаа денеска кон Авганистан за да достават хуманитарна помош и да евакуираат луѓе кои сакаат да ја напуштат земјата, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Се очекува авионот II-76 да ја достави помошта на аеродромот во Кабул и да превезе околу 380 луѓе кои се државјани на Русија, Белорусија, Киргистан, Ерменија, Украина и Авганистан“, соопшти Министерството.
„Медицински тим составен од воено-медицински персонал со потребната медицинска опрема и лекови патува во секој од руските воено-транспортни авиони за да ја обезбеди потребната медицинска помош и поддршка на евакуираните граѓани на Русија и други држави“, нагласи Министерството.
Се додава дека секој авион е доволно снабден со вода за пиење, ќебиња и индивидуални оброци.
На прашањето зошто Русија одлучила да помогне во евакуацијата, портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, рече дека потребата се појавила поради „екстремно немирната“ ситуација во државата.
Илјадници луѓе го напуштија Авганистан откако талибанците ја презедоа контролата во државата, по повлекувањето на САД од земјата.