Elena Teslova
22 Ноември 2022•Ажурирај: 23 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес ја повика Украина да го повлече тешкото оружје од нуклеарната централа во Запорожје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на брифингот со новинарите во Москва, Песков исто така го повика Киев да го запре гранатирањето на електраната, нагласувајќи дека тоа создава „нуклеарна, еколошка и други безбедносни закани за огромни територии“.
Прашан за создавање безбедна зона околу електраната, Песков рече: „Прво, тие ја повикаа Русија да го повлече тешкото оружје оттаму, кое го нема, а потоа изгледаше дека сите разбрале дека таму нема руско оружје. Сега ни треба да зборуваме за безбедносната зона за оние кои ја гранатираат оваа станица (...) - артилеријата на вооружените сили на Украина“, рече тој.
„Тоа е она што треба да го бараме од Украина - да го повлече тешкото оружје, да престане со гранатирањето, да престане да го загрозува европскиот континент“, нагласи тој.
Песков рече дека Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) нема овластување да ги именува оние кои ја гранатираат нуклеарната централа.
„МААЕ ја врши својата работа. Добро е што МААЕ потврди дека овие напади претставуваат закана за станицата и нејзиниот интегритет. Се разбира, жалиме што поради спецификите на работата во МААЕ, како што велат, тие не се овластени да кажат кој точно пука. Русија ќе го продолжи дијалогот со МААЕ“, рече тој.
Електраната во југоисточна Украина е под руска контрола од март, скоро од почетокот на руската „специјална воена операција“ во Украина.
Оттогаш, расте загриженоста за можна нуклеарна катастрофа меѓу Москва и Киев, при што и двете страни се обвинуваат меѓусебно за напади врз нуклеарниот објект.
Нуклеарната централа Запорожје, една од 10-те најголеми во светот, произведуваше 20 отсто од електричната енергија во Украина пред да започне војната во февруари.