Ahmet Gürhan Kartal
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
ЛОНДОН (АА) - Руски олигарх ја осуди „лудата војна“ во Украина, тврдејќи дека 90 отсто од Русите биле „против оваа војна“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Олег Тинков, основачот на банката „Тинкоф“, ги нарече руските сили „sh.t army“, во објава на Инстаграм.
„Будејќи се со мамурлак, генералите сфатија дека имаат војска за никаде“, напиша Тинков.
„А како ќе биде војската добра, ако сè друго во земјата е за никаде и заглавено во непотизам, сикофанизам и сервилност?“
Рускиот олигарх, кој беше цел на санкциите од Запад, рече дека не гледа една корист од оваа луда војна.
„Невини луѓе и војници умираат“, додаде тој.
Тинков се повлече од функцијата претседател на банката „Тинкоф“ во 2020 година.
„Почитуван „колективен Запад“, ве молам, дајте му јасен излез на господинот [Владимир] Путин за да си го спаси лицето и да го запре овој масакр“, апелира тој до западните сили.
„Ве молиме, бидете порационални и похумани.“
„Деведесет отсто од Русите се против оваа војна!“, наведува Тинков.
„Секако дека има морони кои цртаат З, но 10 отсто од која било земја се морони“, рече тој, мислејќи на симболот што беше забележан на руските оклопни возила, а подоцна стана симбол на поддршка на руската војна во Украина.
Тој додаде дека руските бизнисмени „се обидуваат да го спасат она што останало од нивниот имот“.
Војната во Украина започна пред речиси два месеци и многу руски олигарси беа цел на Западот со остри санкции заедно со руските функционери.
Тинков, чие богатство се смета на околу 3,5 милијарди долари, беше опфатен од санкциите на Велика Британија.