Ali Cura
26 Март 2022•Ажурирај: 27 Март 2022
МОСКВА (АА) - Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руската Војска извршила напади на воените позиции во украинските региони Житомир и Николаев, користејќи ги притоа ракетите со висока прецизност Калибр и Оникс, известува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, изјави дека нападите се изведени вчера и ги погодиле зададените цели.
Конашенков рече дека руските сили ја лансирале од море високопрецизната ракета Калибр и уништиле арсенал на украинската Војска во местото Великије Коровници во регионот Житомир.
„Со високопрецизната крстосувачка ракета Оникс ја уништивме базата за гориво на југот од Украина во близина на Николаев, што со гориво ги снабдува украинските воени единици“, истакна Конашенков.
Тој рече дека руските системи за противвоздушна одбрана собориле украински воени авиони и беспилотни летала.
„Над местото Вишњево погодени се два авиони од типот Су-25 и еден Су-24 и уште 6 беспилотни летала. Освен тоа, во местото Васиљевка уништен е ракетниот систем Точка-У“, информираше Конашенков.
Портпаролот Конашенков додаде дека руските сили досега уништиле 267 украински беспилотни летала, 207 системи за ПВО, 1.618 тенкови и оклопни возила, 166 повеќецевни ракетни фрлачи, 662 хаубици и минофрлачи и 1.453 специјални воени возила на украинската Војска.