Michael Gabriel Hernandez
29 Јануари 2021•Ажурирај: 29 Јануари 2021
ВАШИНГТОН
Претседателот на САД, Џо Бајден, вчера потпиша две извршни наредби насочени кон укинувањето на наследството на здравствената политика и укинувањето на штетата која ја нанел неговиот претходник, поранешниот претседател Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден изјави дека налозите на Трамп довеле до тоа здравствената заштита да стане непристапна и поскапа за граѓаните.
„Не започнувам никаков нов закон ниту нов аспект на законот. Ова е само враќање на ситуацијата каква што беше пред наредбите на претходниот претседател“, изјави тој во Белата куќа.
Наредбите тежнеат кон јакнење на здравствената помош и на универзалниот закон за здравствена заштита кои беа на сила додека Бајден беше потпретседател на администрацијата на Обама, и ги поништуваат напорите на Трамп на жените да им се ограничи пристап до абортус.
Една од наредбите овозможува да се отвори интернет-портал на кој Американците ќе можат да се пријавуваат за осигурување според универзалниот закон за здравствена заштита, со посебен период на упис од 15 февруари до 15 март за новите членови.
Тоа е од посебна важност, оцени Бајден во наредбата, посебно во услови на пандемијата на Ковид-19.
Коронавирусот одзеде повеќе од 431.000 животи во САД, а оние кои преживеаја се во ризик од долгорочни здравствени последици, вклучувајќи лузни на белите дробови и срцеви компликации. Повеќе од 25 милиони случаи на заразување со Ковид-19 се регистрирани во земјата.
Наредбите на Бајден исто така иницираат ревизија која ја спроведуваат федералните агенции за да се обезбеди нивните политики да не влијаат врз пристапот на здравствената заштита на Американците.
Претседателот издаде и Меморандум до шефовите на државните оддели, одбраната, здравството и социјалната помош, како и до Американската агенција за странска помош, со цел повлекување на она што е познато како „политика на Мексико Сити“.
Политиката од 1984 година го спречува приливот на сојузните средства во здравствените организации кои ги пружаат услугите абортус и консултации.
„Овие прекумерни услови за странска и развојна помош ги поткопуваат напорите на САД глобално да ја унапредат родовата рамноправност, ограничувајќи ја нашата способност да пружиме поддршка на женското здравје и програмите кои спречуваат и реагираат на насилството засновано на род“, наведе Бајден во Меморандумот.