Övünç Kutlu
08 Јануари 2021•Ажурирај: 09 Јануари 2021
АНКАРА (АА) - Доцна синоќа почина полицаец како последица на повредите здобиени во моментите кога приврзаниците на американскиот претседател Доналд Трамп извршија упад во зградата на Конгресот во Вашингтон, јавува Агенција Анадолија (АА).
Полицаецот Брајан Д. Сикник е повреден во судирот со демонстрантите во средата, при што изгубил сила кога се вратил во полициската станица, изјави портпаролката на полициската станица Капитол, Ева Малецки.
Иако веднаш бил однесен во болница, тој починал синоќа околу 21:30 часот по локално време.
Сикник, кој работел во полицијата на Капитол од 2008 година, е петтата жртва од протестите и нередите кои се случија во средата во Вашингтон.
Полицијата смртно застрела ветеранка на воздухопловните сили која беше со поддржувачите на Трамп кои упаднаа во зградата на Капитол, додека три други лица беа прогласени за починати во медицинските установи по нередите.
Како последица на големиот број критики, командантот на полицијата Стивен Санд синоќа поднесе оставка, која ќе стапи на сила на 16 јануари, само четири дена пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Нередите во Вашингтон избија во средата кога приврзаниците на Трамп влегоа во зградата на Конгресот за да спречат одржување на седница на која се очекуваше потврда на резултатите од ноемвриските претседателски избори на кои Трамп загуби од демократскиот ривал Џо Бајден.
Во одделни изјави, демократските и републиканските пратеници го осудија нападот врз Капитол и ги нарекоа немирите „државен удар, грозоморен терористички чин и национален срам“.
Трамп, неговите политички сојузници и милиони републикански приврзаници со месеци тврдат дека претседателските избори на 3 ноември не биле регуларни.