Dildar Baykan
25 Септември 2019•Ажурирај: 26 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателката на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави (САД), Ненси Пелоси, истакна дека започнале официјална иницијатива за отстранување од функцијата на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Пелоси во изјава за медиумите по средбата со демократите од Претставничкиот дом, истакна дека чекорите на Трамп ја поткопуваат националната безбедност на САД, по наводите дека Трамп во телефонски разговор во јули, извршил притисок врз претседателот на Украина, Владимир Зеленски, за оваа земја да отвори истрага против синот на поранешниот заменик-претседател на САД, Џо Бајден, користејќи ја како инструмент помошта на САД кон Украина.
Таа истакна дека ја започнале првата официјална иницијатива за започнување на процесот за отстранување на Трамп од функцијата. „Трамп треба да одговара за направените чекори. Никој не е над законот“, додаде таа.
Инаку, Трамп е четвртиот претседател во историјата на САД против кого е започнат процес за отстранување од претседателската функција.
- Наводи во САД во врска со Бајден -
Американскиот весник „Вол стрит џурнал“ („Wall Street Journal“) во петокот наведе дека Трамп во телефонски разговор во јули извршил притисок врз Зеленски за да отвори истрага против синот на Бајден.
Во веста се истакнува дека Трамп на Зеленски му рекол дека треба да работи со неговиот адвокат, Руди Џулијани, со цел да ги истражува бизнис-договорите на синот на Бајден, Хантер Бајден, во Украина.
По овие тврдења, Трамп нагласи дека телефонскиот разговор со Зеленски бил целосно во согласност со процедурите, и додаде: „Не е важно што разговарав со Зеленски. Некој треба да води истрага против Бајден“.
Исто така, американските медиуми завчера тврдеа дека Трамп го условил украинскиот лидер дека ќе понуди помош за оваа земја само доколку поведат истрага против Бајден и неговото семејство.
Трамп вчера истакна дека наредил да се објави транскриптот на телефонскиот разговор за кој станува збор.
Демократите реагираа против Трамп, нагласувајќи дека доколку тврдењата се точни, тогаш Трамп планира да им нанесе штета на своите политички ривали.