Fuat Kabakcı
19 Декември 2020•Ажурирај: 21 Декември 2020
ВАШИНГТОН
Властите на Соединетите Американски Држави (САД) затвораат конзулати во два руски града, а наскоро американската амбасада во Москва би требало да остане единствено дипломатско претставништво во Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Неименуван извор за агенцијата АП рече дека Стејт Департментот уште на 10 декември го известил американскиот Конгрес за намерата за трајно затворање на конзулатот во Владивосток и привремениот прекин на работа на конзулатот во Јекатеринбург.
Затворањето на американските конзулати во Русија ќе биде спроведено во согласност со одлуката на руската влада која 2017 година побара намалување на американските дипломати во Русија.
Не е откриен датумот на најавеното затворање на двата американски конзулати во Русија, но извесно е дека по тој чин американската амбасада во Москва ќе остане единственото американско дипломатско претставништво во Русија.
Пред две години САД наредија затворање на рускиот конзулат во Сиетл, а Русија одговори со одлука за затворање на американскиот конзулат во Санкт Петербург.