Michael Hernandez
02 Септември 2017•Ажурирај: 03 Септември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Жителите и властите во југоисточниот дел на сојузната американска држава Тексас се подготвуваат за обнова што може да потрае со години, и најверојатно ќе чини милијарди долари, додека Харви го напушта регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Цели градови се потопени од поплавитe, а властите соопштија дека над 37.000 домови се оштетени, додека 7.000 се уништени. Илјадници други домови претрпеле помала штета, според Одделот за јавна безбедност наТексас.
Градоначалникот на Хјустон, Силвестер Тарнер, за „CBS News“ (Си-би-ес Њуз) изјави дека ќе бара најмалку 75 милиони долари финансиска помош само за отстранување на остатоците.
Тој, исто така, побара од Федералната агенција за управување со вонредни состојби дополнителен персонал за да помогне во обработката на апликациите од жителите кои бараат помош.
„Потребна е помош во поглед на домувањето. Потребна ни е армија агенти на ФЕМА на терен за помош на луѓето, не само за оние во засолништата, туку и за луѓето кои се во своите домови, за да можеме да им обезбедиме финансиска помош која им е потребна за да може да започнат со обновата“, изјави Тарнер за CNN (Си-ен-ен).
Само во Хјустон, поплавени се еден од 10 објекти. Градот и неговата околина беа најтешко погодени од ураганот Харви, откако на копното се претвори во ураган од 4 категорија минатиот петок.
Најмалку 47 лица загинаа од бурата што се претвори во ураган, број што најверојатно ќе се зголемува, додека продолжуваат активностите за пребарување во претходно поплавените области. Над 72.000 луѓе се спасени.
Дури и откако Харви ја губи силата и излегува од регионот, друга бура се формира во Атланскиот Океан со потенцијал да направи голема штета во источните делови на САД.
Веќе со брзина на ветрот со 185 километри на час, Ирма се очекува да продолжи да се засилува движејќи се кон запад.
Сѐ уште не е јасно дали Ирма ќе се спушти на копното на САД или ќе го одбегне.