Beyza Binnur Dönmez
26 Август 2020•Ажурирај: 29 Август 2020
АНКАРА (АА) - Две лица се смртно застрелани, а едно е повредено доцна синоќа на протестите во среднозападната американска сојузна држава Висконсин, одржани против ранувањето на Афроамериканецот Џејкоб Блејк од страна на полицијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Полицијата во градот Кеноша денеска соопшти дека таа одговорила на дојава за истрели од огнено оружје и за жртви околу 23:45 часот (0445GMT). Во соопштението се наведува дека трета жртва од истрели од огнено оружје е однесена во болница со сериозни повреди, но дека е надвор од животна опасност.
Нагласувајќи дека истрагата е во тек, полицијата не даде дополнителни информации за лицата кои пукале, ниту пак за жртвите.
Џулио Росас, новинaр кој се нашол на местото на настанот, сподели видеоснимка на Твитер на која се гледа како маж се сопнува и паѓа на земја, пред да испука повеќе рафали во толпата.
Демонстранти се спротивставија на полицијата и Националната гарда и се обидоа да ги урнат барикадите пред Судот во Кеноша, во третата последователна вечер од протестите.
Протестите избувнаа откако Афроамериканецот Џејкоб Блејк беше застрелан во грбот од страна на полицијата, дури седумпати, што предизвика голем револт и ја направи Кеноша ново место на континуираната борба на САД со расната неправда и употребата на огнено оружје од полицијата кон Афроамериканците.
Таткото на Блејк вчера изјави дека неговиот син е парализиран од половината надолу.
Од полицијата во Кеноша беше соопштено дека во неделата одговорила на дојава за домашен инцидент.
На видеото кое се појави на социјалните медиуми се гледа како Блејк е застрелан повеќепати откако ја отвора вратата на автомобилот за да влезе во него.
Се гледа и како Блејк се оддалечува од полицајците кои се обидуваат да го уапсат вадејќи пиштоли. Тие отвораат оган откако Блејк, кој изгледа невооружен, ја отвора вратата и влегува во автомобилот со грбот свртен кон двајцата полицајци.
Одделот за правда на Висконсин го испитува пукањето врз Блејк, а полицајците се на административно отсуство.