Ömer Tuğrul Çam
26 Август 2020•Ажурирај: 27 Август 2020
БРИСЕЛ / БЕРЛИН
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека сакаат тензиите во Источниот Медитеран да се намалат преку дијалог, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг присуствуваше на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ што се одржа во Берлин.
Во изјавата за медиумите пред состанокот, Столтенберг рече дека ќе ги информира министрите на земјите од ЕУ за активностите на НАТО во земји како што се Авганистан и Ирак.
Осврнувајќи се на прашањето за Источниот Медитеран, Столтенберг изјави дека во регионот треба да се намали тензијата и за тоа да се користи дијалогот.
„Турција и Грција со години се важни сојузници на НАТО. Во духот на Алијансата и врз основа на меѓународното право треба да најдеме начин да ја решиме ситуацијата во Источниот Медитеран“, нагласи Столтенберг.
- Нема засилување на НАТО на граница на Белорусија
Наведувајќи дека одблизу ја следат ситуацијата во Белорусија, Столтенберг рече: „Народот на Белорусија треба да има право да одлучува за својата иднина. Сите сојузници на НАТО треба да го почитуваат суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Белорусија.“
Столтенберг рече дека НАТО не ја засилува војската во регионот, при што нагласи: „Обидот на режимот во Белорусија да изврши притисок врз демонстрантите под изговор на НАТО е апсолутно погрешен. Обидот на режимот во Минск, внатрешните прашања да ги претставува како надворешни и да наоѓа изговор за насилствата врз својот народ е неприфатлив.“
Тој ја повика белоруската администрација да ги почитува основните права на народот, како што се мирно демонстрирање и слобода на изразување.
Осврнувајќи се на труењето на рускиот опозиционер Алексеј Навални, Столтенберг истакна дека лекарите во Германија не се сомневаат во наодите дека Навални е отруен.
Посочувајќи дека Русија треба да иницира транспарентна истрага за труењето на Навални, Столтенберг побара сторителите да одговараат.