Hakan Çopur
10 Октомври 2020•Ажурирај: 11 Октомври 2020
ВАШИНГТОН
Втората претседателска дебата помеѓу Доналд Трамп и Џо Бајден, што требаше да биде одржана на 15 октомври, е откажана поради ситуацијата настаната откако американскиот претседател Доналд Трамп се зарази со коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
До претседателските избори во Соединетите Американски Држави (САД) остана помалку од еден месец, а Комисијата за организирање на претседателските дебати (CPD) сооопшти дека вториот претседателски дуел нема да се одржи.
„Сега се чини дека е јасно оти на 15 октомври нема да има расправа во живо, па ЦПД ќе се фокусира на подготовките за завршната дебата закажана на 22 октомври“, пишува во соопштението на ЦПД.
Расправите околу втората дебата почнаа откако минатата седмица е потврдено дека претседателот Трамп е заразен со Ковид-19, а потоа хоспитализиран. Се расправаше за тоа на кој начин ќе се реализира втората дебата со оглед дека Трамп е должен да ја испочитува десетдневната изолација.
ЦПД потоа упати повик втората претседателска дебата да се одржи виртуелно, но страната на Трамп не го прифати тоа. Од тимот на Бајден наведоа дека се против расправа во која ќе има физички контакт со оглед на можноста Трамп сè уште да е заразен со вирусот.
Во своите последни изјави двајцата кандидати изјавија дека ќе учествуваат во одделни програми на различни телевизиски канали вечерта на 15 октомври.
Наредниот претседателски дуел е планиран за 22 октомври во Нишвил, во сојузната држава Тенеси.