Büşra Nur Çakmak
16 Септември 2026•Ажурирано: 16 Септември 2026
Американската Армија употребила дури 70 пресретнувачки ракети „Патриот“ и повеќе од десетина пресретнувачки ракети од системот ТХААД за да одговори на неодамнешниот ирански балистички ракетен напад врз Јордан, што укажува на зголемениот притисок врз резервите на американската противвоздушна одбрана, објави „Волстрит журнал“, пренесува Анадолу.
Американските сили истрелале меѓу 60 и 70 пресретнувачки ракети „Патриот“ во одговор на нападот со околу 20 балистички ракети, додека биле лансирани и повеќе од десет пресретнувачи од системот за противракетна одбрана „Терминалска одбрана на голема надморска височина“ (ТХААД), објави весникот, повикувајќи се на американски и регионални претставници запознаени со случајот.
Според извештајот, бројот на употребени пресретнувачи е приближно еднаков на количината што американските сили ја потрошиле во текот на цела недела во други периоди од конфликтот.
Иран, наводно, користел боеви глави кои се одвојувале на повеќе проектили при приближувањето до целите, што ги отежнувало напорите за нивно пресретнување.
Одбранбените системи не ги запреле сите ракети, при што Иран погодил борбени авиони и други летала во воздухопловната база „Мувафак Салти“ во Јордан. Сепак, во најновиот напад нема загинати американски војници, објави „Волстрит журнал“.
И претседателот Доналд Трамп во понеделникот изјави дека САД располагаат со големи залихи пресретнувачи и дека го зголемуваат производството.
Сепак, генералниот инспектор на Министерството за одбрана во извештајот објавен оваа недела наведе дека конфликтот „доведе до стратегиски недостиг на залихи и откри тесни грла во индустриската база за надополнување на муницијата“.
До средината на јули, САД употребиле околу 1.700 пресретнувачки ракети „Патриот“ и повеќе од 200 пресретнувачи ТХААД во текот на конфликтот, според американски претставници цитирани од „Волстрит журнал“. Бродовите на американската морнарица дополнително истрелале околу 150 пресретнувачки ракети „Стандард мисил“ против иранските ракети и беспилотни летала.
„Локхид Мартин“, производителот на пресретнувачите „Патриот“, во 2025 година произвел 620 ракети и настојува годишното производство да го зголеми на околу 2.000, се наведува во извештајот.
Американските претставници исто така изразиле загриженост дека испраќањето големи количества муниција на Блискиот Исток би можело да влијае врз способноста на Вашингтон да одговори на потенцијални закани на други места, вклучително и во Европа и Индопацификот.
Адмиралот Бред Купер, командант на американската Централна команда, одделно изјави за емисијата „60 минути“ на „Си-би-ес“ оваа недела дека не е загрижен поради недостигот на пресретнувачи и дека американските сили се подготвени за секое сценарио.
Притисокот врз залихите на пресретнувачки ракети, исто така, ги поттикна земјите од Заливот да побараат дополнителна муниција за противвоздушна одбрана по повеќемесечните ирански ракетни и напади со беспилотни летала, додека истовремено влијае врз достапноста на системи за одбрана на Украина од руските напади, според „Волстрит журнал“.