Tayfun Salcı
15 Август 2019•Ажурирај: 16 Август 2019
ЛОНДОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) наводно поднеле барање до судот во Гибралтар за да го преземат иранскиот танкер, запленет од Владата на Гибралтар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според британскиот весник „Гардијан“ (The Guardian), Министерството за одбрана на САД поднело барање до судот да го преземе иранскиот танкер „Грејс 1“, кој Владата на Гибралтар го заплени поради носење нафта во Сирија.
Според веста, судијата на случајот, Ентони Дадли, истакнал дека танкерот требало да го пуштат денеска, но дека тоа е одложено за да се оцени американското барање.
Се очекува Врховниот суд на Гибралтар во текот на денот да донесе одлука за танкерот.
Автономната управа на Гибралтар, инаку прекуморска територија на Велика Британија, го заплени иранскиот танкер на 4 јули поради кршење на ембаргото против Сирија.
Иранските власти побараа танкерот да биде пуштен, и дека во спротивно ќе возвратат.
Врховниот суд на Гибралтар го продолжи периодот на заплена на иранскиот танкер до 15 август.
Инаку, претходно, Иранската револуционерна гарда објави дека танкерот за нафта „Стена имперо“ со британско знаме е запленет поради тоа што не се придржувал кон правилата на поморскиот сообраќај кога поминувал низ Ормудскиот Теснец.
Велика Британија испрати дополнителен воен брод во Ормудскиот Теснец и одлучи да дејствува заедно со Соединетите Американски Држави за да се обезбеди безбедноста на бродовите во регионот.