Servet Günerigök
29 Септември 2022•Ажурирај: 01 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) ‒ Американскиот Стејт департмент вчера укажа на „националните интереси на Америка“ како одговор на прашањето за грчкото кршење на меѓународниот договор со распоредувањето на американски оклопни возила на два острови во Егејското Море, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прашањето на новинарот на АА за реакцијата на Туркије против Вашингтон за обезбедувањето на Грција со воени возила, портпаролот Нед Прајс призна дека САД спроведуваат двојни стандарди за одредбите за нивната воена продажба на Грција и Туркије.
Повторувајќи го својот повик до Атина и Анкара да ги решат своите разлики по дипломатски пат, Прајс рече: „Ги повикуваме сите страни да избегнуваат реторика и дејствија што би можеле дополнително да ги влошат тензиите. Треба да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји.“
На прашањето дали постои некаква одредба за продажбата на воената опрема обезбедена на Грција, која се користи во кршењето на меѓународните договори, Прајс одговори: „Ние секогаш внимателно ја разгледуваме безбедносната помош, вклучувајќи ги потенцијалните системи за оружје и набавките што им ги обезбедуваме на сојузниците и партнерите низ светот.“
Тој рече дека САД им обезбедуваат на своите партнери безбедносна помош за да се соочат со „заедничките предизвици и заедничките закани“ и продолжи: „Постои постојан процес на оценување кога станува збор за разгледување на безбедносните системи што ги обезбедуваме на која било земја низ светот.“
На повторното прашање дали се применува одредба за едниот партнер, а не за другиот и каков е стандардот, Прајс рече: „Стандардот што го користиме е она што е во националните интереси на Америка. И се случува кога станува збор за нашите сојузници и партнери, она што има тенденција да биде во наш национален интерес и во колективен интерес.“
Подоцна, новинар на „Асошиејтед прес“ (Associated Press) го праша Прајс во врска со ракетите С-400, зошто САД им кажуваат на Турците да не ги распоредуваат или купуваат кога зборуваат за тоа дека обврска на секоја земја е да го надгледува или определи распоредувањето на својата сопствена одбрана.
„Се разбира, земјите низ светот се отворени да направат свој избор. Ќе има случаи, екстремни случаи, каде што одредени избори ќе имаат импликации од страна на билатералните односи на САД“, рече Прајс.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера зборуваше за наклонетиот став на САД кон Грција, среде тензиите меѓу неа и Туркије, критикувајќи го Вашингтон за нееднаквиот однос кон сојузниците во НАТО.
„Едноставно, нема споредба меѓу Туркије и важноста на Грција во НАТО“, рече Ердоган во телевизиско интервју, нагласувајќи дека „САД не можат да најдат друг сојузник како Туркије“.
„Нашите очекувања од САД се да не ја мешаат Грција во погрешни пресметки и да не дозволат манипулација на меѓународното јавно мислење“, додаде претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган.