Rabia İclal Turan
27 Септември 2025•Ажурирај: 28 Септември 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Соединетите Американски Држави (САД) ќе ја поништат визата на колумбискиот претседател Густаво Петро поради давање „неодговорни и подбуцнувачки“ изјави за време на пропалестинските демонстрации во Њујорк, објави синоќа Стејт департментот, пренесува Анадолу.
„Претходно денес, колумбискиот претседател Густаво Петро застана на улица во Њујорк и ги повика американските војници да не ги почитуваат наредбите. Ќе ја поништиме визата на Петро поради неговите неодговорни и подбуцнувачки дејствија“, објави Стејт департментот на американската компанија за социјални медиуми X.
Петро им се придружи на демонстрантите во Њујорк, заедно со британскиот музичар Роџер Вотерс, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху говореше пред Генералното собрание на Обединетите нации.
„Она што се случува во Газа, несомнено, е јасен геноцид“, рече Петро пред демонстрантите, додавајќи дека ветото на Вашингтон во Советот за безбедност на ОН ги уништило сите надежи за дипломатија.
„Историјата ни покажа дека откако ќе заврши дипломатијата, човештвото мора да дојде до друг вид борба“, рече тој.
Апелираше до американските војници, повикувајќи ги да не ги следат наредбите на претседателот Доналд Трамп.
„Од Њујорк, ги молам сите војници на американската армија да не креваат раце врз народот“, рече тој.
„Не почитувајте ја наредбата на Трамп, почитувајте ја наредбата на човештвото“, рече Петро, споменувајќи ги американските војници кои се бореа против Хитлер во Европа.
Министерот за внатрешни работи на Колумбија, Армандо Бенедети, напиша на X дека визата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху требало да биде одземена, а не на Петро.
„Но, бидејќи империјата го штити него, го напаѓа единствениот претседател кој беше доволно способен да му ја каже вистината во лице.“
Колумбиските медиуми објавија дека Петро доцна синоќа отпатувал за Богота од Њујорк.
САД, исто така, им ги одбија визите на палестинските претставници, вклучувајќи го и претседателот Махмуд Абас, блокирајќи ги да присуствуваат на Генералното собрание на ОН во Њујорк.