Ekipa
19 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја ги обвинија САД и нивната полиција за напад и грабеж на дипломатската делегација на Пјонгјанг на аеродромот во Њујорк, и од официјален Вашингтон очекуваат итно образложение за тој чин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Северна Кореја утринава соопшти дека севернокорејската делегација на враќањето од конференцијата во ОН била жртва на „илегален и гнасен напад“ на њујоршкиот аеродром „Џон Ф. Кенеди“.
„Дипломатите одлучнo ѝ се спротивставија на полицијата којашто потоа со сила го зеде дипломатскиот пакет“, се наведува во соопштението што го пренесе севернокорејската агенција KCNA (КЦНА).
Властите на Северна Кореја исто така порачаа дека Америка ќе биде одговорна за сите последици што ќе следуваат, доколку не достави добро објаснување за тој случај.
Сѐ уште не е познато што точно се наоѓало во „дипломатскиот пакет“ и дали членовите на севернокорејската делегација уживале дипломатски имунитет.