Riyaz ul Khaliq
14 Март 2019•Ажурирај: 15 Март 2019
АНКАРА (АА) - Северна Кореја во 2018 година не запре со производството на материјалот кој секористи кај нуклеарното оружје, и покрај тековната интензивна дипломатија за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, пренесува Anadolu Agency (AA).
Корејскиот дневен весник „Чолсунилбо“ („Cholsunilbo“), цитирајќи го извештајот на Комитетот за санкции при Советот за безбедност на ОН за Северна Кореја, објави дека Пјонгјанг минатата година продолжил да создава суровина за нуклеарно оружје, и покрај дипломатските напори со Јужна Кореја и САД.
„Реакторот Јонгбјон од 5 мегавати работи нормално од декември 2015 година, иако повремено ја суспендираше работата неколку дена во февруари, март и април 2018 година“, се вели во извештајот.
Според него, земја членка на ОН го информирала [Комитетот на ОН] дека работењето на реакторот била суспендирана од септември до октомври 2018 година и дека во текот на овие два месеца можно е да дошло до истекување од прачките за нуклеарно гориво.
„Комитетот соопштува дека врши истрага врз организации и поединци во Азија кои тајно ги снабдувале центрифугите кои Северна Кореја ги користи за збогатување на ураниумот за нуклеарно оружје“, јавува корејскиот весник.
Комитетот на ОН, исто така, истакнува дека Северна Кореја монтирала проектили во цивилни и невоени објекти, очигледно за да се заштити од насочени напади кон веќе познатите нуклеарни и објекти за проектили.
САД и Северна Кореја не успеаја да постигнат договор за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров ниту по втората средба на Доналд Трамп и Ким Џонг Ун.