Emel Öz Gözellik
18 Април 2019•Ажурирај: 19 Април 2019
АНКАРА (АА) - Северна Кореја тестираше нов тип „тактичко водено оружје“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ (Yonhap), повикувајќи се на севернокорејската агенција КЦНА (KCNA), објави дека тестирањето на новото оружје е извршено под надзор на лидерот на земјата, Ким Џонг Ун.
Ким изјави дека е тестиран многу важен дел од системот за вооружување со кој ќе се зголеми воениот капацитет на војската на Северна Кореја. Нагласи дека експертите завршиле многу добра работа во областа на националната одбрана.
Светските експерти за вооружување сметаат дека е можно да станува збор за наведувачки ракети со краток дострел.
Северна Кореја во ноември минатата година изврши тестирање на ново вооружување, за кое се претпоставува дека е топ со долг дострел.
Официјалната новинска агенција на Северна Кореја во саботата објави дека доколку Соединетите Американски Држави (САД) до крајот на 2019 година понудат план прифатлив за двете земји, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун е подготвен повторно да се состане со американскиот претседател Доналд Трамп, со цел продолжување на дипломатските напори во насока на мирот.
Ким Џонг Ун во Парламентот изјави дека е подготвен да одржи трет самит со Доналд Трамп, доколку постигнат договор кој е прифатлив за двете страни. Исто така нагласи дека несогласувањата околу нуклераното вооружување и санкциите може да се решат.
„Нема да се двоумиме во потпишувањето на праведен и заеднички прифатлив договор кој истовремено ќе ги штити интересите на САД и Северна Кореја. Сѐ зависи од тоа како САД ќе постапат во однос на таа тема. САД преговорите ги започнаа со исклучиво неостварливи методи. Не беа подготвени да се соочат и да ги решаваат проблемите, ниту да предлагаат паметни начини и методи“, рече Ким, и нагласи: „Сакам проблемите да се решат низ преговори и дијалог, но не на начин кој го предложија САД. Не сакаме да видиме нов самит во Ханој.“
Кон крајот на февруари оваа година во Виетнам се одржа состанок на двајцата лидери кој заврши без договор. Првата средба на Ким и Трамп се одржа во јуни минатата година во Сингапур.