Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
07 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
ИДЛИБ (AA) – Најмалку 19 цивили загинаа во воздушни напади кои денес во Идлиб ги изведоа силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Локалните извори јавуваат дека руски бомбардери и бомбардери на Асадовите режимски сили од утрово во повеќе наврати ги гаѓаа населбите на југот на зоната за деескалации во Идлиб.
Најкрвавиот масакр се случи на пазар во селото Белјун во кој се убиени најмалку осум цивили.
Меѓу целите на нападот беа и училиште, пекара и џамија во селото Бара.
Спасувачките екипи на локалната Цивилна заштита ги пребаруваат срушените објекти и се стравува дека билансот на смртно страдани не е конечен.
Поради нападите кои ги изведуваат силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и руските воздушни сили од Идлиб минатата седмица раселени се најмалку 25.000 луѓе.
Во Идлиб, како тврдина на сириската опозиција, живеат околу четири милиони жители и интерно раселени кои се цел на постојани режимски напади.
Со посредство на Турција, Русија и Иран во текот на мајските преговори во 2017 година во Астана, Идлиб е прогласен за зона за деескалација. Во Сочи на 17 септември 2018 година постигнат е дополнителен договор за примирје во Идлиб и воспоставување на зона за деескалација.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на Асадовиот режим не запреа со артилериски и воздушни напади во тој регион.