Yusuf Özcan,Şerife Çetin
07 Декември 2019•Ажурирај: 09 Декември 2019
ПАРИЗ (АА) - ЈУСУФ ОЗЏАН / ШЕРИФЕ ЧЕТИН -
Францускиот спасувач Ронан Пакс, кој ја изврши првата интервенција откако фоторепортерот на АА, Мустафа Јалчин, беше повреден во окото за време на протестите во Париз, истакна дека француската полиција користела пластични рачни бомби.
Пакс во разговор за Агенција Анадолија (АА) говореше за случувањата на Плоштадот на Републиката, каде што беше повреден Јалчин.
Тој нагласи дека на терен се наоѓале голем број новинари, и дека забележал оти здравствените тимови се движат кон Мустафа Јалчин.
„Мустафа одеднаш падна. Против Мустафа беше користен ДМП, што е пластична рачна бомба користена против демонстрантите за време на протестите“, додаде Пакс.
Според него, пластичната рачна бомба фрлена од полицијата, првин паднала долу, потоа скокнала нагоре и експлодирала.
„Парчиња од експлодираната рачна бомба првин ја погодија неговата маска, и на тој начин од силниот удар се скрши стаклото на оваа маска, и за жал, директно беше повреден во окото“, рече Пакс, додавајќи дека бил сведок во моментот кога бил повреден Јалчин.
Пакс истакна дека кога видел оти Јалчин паднал на земја, веднаш се приближил до него, и дека здравствените тимови интервенирале врз фоторепортерот на АА.
„Имаше многу крв во окото на Јалчин. Се обидов да ја исчистам крвта од неговото око, но за жал видов дека е повреден во окото и е тешко да се спаси“, нагласи Пакс.
„По повредувањето на Јалчин“, рече тој, „била влошена состојбата на терен“, и додаде: „Потоа, местото каде што се наоѓавме се претвори речиси во зона за лекување бидејќи имаше голем број повредени. Од 16 март досега не забележав слична сцена. Навистина беше многу трагичен ден.“
По првата интервенција на терен, Јалчин беше пренесен во болницата „Кошин“, каде што беше и опериран. Операцијата траеше околу 6 часа.
Лекарите нагласија дека Јалчин е под здравствен надзор.
Одвреме-навреме се случуваат судири меѓу полицијата и десетиците илјади демонстранти кои протестираат низ Франција, пред сè во Париз.
Како резултат на полициската интервенција, покрај Јалчин повредени се уште двајца новинари.
Во последната година како резултат на полициската интервенција во Франција загина едно лице, 26 лица останаа без око, 5 лица останаа без рака, додека околу 500 лица се повредени.