Vesna Besic
23 Октомври 2021•Ажурирај: 26 Октомври 2021
ЛОНДОН
Џиновската кукла, „Малата Амал“, висока 3,5 метри, која претставува деветгодишно сириско девојче, пристигна во Лондон, известува Агенција Анадолија (АА).
Изработена е како симбол на милиони раселени деца низ светот. Денес таа пристигна во катедралата „Свети Павле“ во рамките на патувањето долго 8.000 километри низ Европа.
Станува збор за проектот „The Walk“ на британскиот театар „Good Chance“, што има за цел да го сврти вниманието врз проблемите со кои се соочуваат сириските деца бегалци.
„Малата Амал“ патува низ повеќе земји во потрага по мајката, свртувајќи го вниманието на предизвиците со кои се соочила. На пат тргна на 27 јули од турскиот град Газиантеп, сместен во близина на границата со Сирија. Планирано е нејзиното патување да заврши на 3 ноември во Манчестер, Велика Британија. Во текот на патувањето, таа посети повеќе градови во Грција, Италија, Франција, Швајцарија и Белгија.
Патува низ Европа, со цел да го сврти вниманието кон неволјите на милиони малолетни бегалци.
Куклата висока 3,5 метри е дочекана и поздравена од голем број луѓе, вклучувајќи и деца. Името Амал на арапски јазик значи надеж.