Mohamad Misto,Ayşe Sümeyra Aydoğdu
08 Февруари 2016•Ажурирај: 08 Февруари 2016
ДАМАСК (АА) - Силите лојални на сирискиот режим на претседателот Башар ал-Асад подготвуваат акција за преземање на контролата во градот Дераја, југоисточно од центарот на Дамаск, кој од почетокот на војната е под контрола на бунтовничките сили, јавува Anadolu Agency (AA).
„Асадовиот режим собра околу 1.500 борци, меѓу кои и неколку стотици шиитски милитанти со цел да изведат напад врз Дераја. Во источниот дел на градот, акцијата ја контролираат и 12 руски офицери, а руски авиони изведуваат извидувачки летови”, кажа за АА шефот на информативниот центар во Дераја, Хусам Ахмед.
Нагласувајќи дека во градот под опсада живеат 12.000 жители, меѓу кои половина се деца, Ахмед рече дека судбината на тие цивили е сè понеизвесна.
„Асадовите сили користат и нови руски тенкови. Бунтовниците еден таков тенк погодија со пет противтенковски проектили РПГ, но не можеа да го уништат. Доколку Асадовите сили влезат во Дераја, ќе бидеме сведоци на голем масакр на цивили”, рече Ахмед.
Според податоците на информативниот центар, сириската војска во неколку наврати неуспешно се обидела да ја заземе Дераја. Досега, врз градот се фрлени над 6.100 разорни барел-бомби. Над 80 отсто од градот сосема е уништен, а 90 отсто од населението е принудено да пребега во други подрачја.
Паралелно со тоа, Асадовите сили, со поддршка на руската авијација, продолжуваат со жестоки напади врз бунтовничките упоришта во и околу Алепо. Скоро 50.000 бегалци во изминативе неколку дена веќе го напуштија Алепо и пристигнаа на границата со Турција, а колони со нови бегалци и понатаму го напуштаат Алепо.