Ekipa
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
АНКАРА (АА) – Шефот на делегацијата на Сириската здружена воена опозиција, Мухамед Алуш изјави дека доколку не се исполнат барањата од средбите во Астана, тие нема да учествуваат на состанокот, кој треба да се одржи на 20. февруари во Женева, јавува Anadolu Agency (AA).
Алуш за АА даде изјава во врска со средбите во Астана, на тема Сирија, и за очекуваната средба во Женева на 20. февруари.
Тој изјави дека по средбата во Астана, им ги претставиле условите за прекин на огнот на државите-гаранти, и дека добиле ветувања во врска со тоа. „Добивме ветување дека нема да се влегува во Долината Барада и во Гута. Исто така, беше ветено дека ниедна опозициска група нема да биде цел, но, овие ветувања не беа исполнети“, рече тој.
Алуш истакна дека на државите-гаранти им испратиле правен извештај во кој ги претставуваат своите ставови и идеи во врска со случувањата на теренот и додаде дека очекуваат на денешните преговори во Астана да добијат одговор во врска со предлозите од извештајот, кои се однесувааат на стабилизирање на примирјето.
- „Добивме ветувања“ -
Мухамед Алуш потсети дека минатиот петок во Анкара присуствувале на консултации со турските и руските претставници, каде што, како што вели тој, им ги пренеле сите детали околу случувањата во Сирија. Истакнувајќи дека сакаат да бидат преземени конкретни одлуки во врска со Сирија, Алуш рече: „Ова е нивна (руска) одговорност. Доколку тие ги преземат своите одговорности, ние ќе продолжиме со преговорите. Но, доколку се вратат чекор назад, ние не продолжуваме понатаму и во тој случај, сето ова ќе заврши“.
Алуш изјави дека на консултативниот состанок во Министерството за надворешни работи на Турција се разговарало за средбите во Женева и за можноста да се формира заедничко тело на претставници, кое ќе учествува на овие средби.
„Јасна беше пораката на воените групи. Групите на државите-гаранти (Русија и Иран) порачаа: ’Учествувавме на средбата во Астана, каде што ни беа дадени одредени ветувања. Сега очекуваме овие ветувања да се исполнат'“, изјави Алуш.
- „Доколку нашите услови не бидат исполнети, не одиме никаде“ -
На прашањето дали ќе учествуваат на женевските средби, Алуш рече: „Доколку нашите услови не бидат исполнети, не одиме никаде. Особено три од условите треба да бидат исполнети. Како прво, да се обезбеди примирјето, да бидат пуштени притворените и треба да биде укината блокадата на режимот на Асад во окупираните региони“.
- „Режимот ги замајува сите“ -
Според Алуш, доколку не се постапува според договорите потпишани под одговорност на државите-гаранти, каде и да се случуваат средбите, нема да се изнајде решение. „Всушност, режимот сите ги замајува, не се придржува до потпишаните договори. Дури и не го исполнува дадениот збор кон својот гарант – Русија“, оценува Алуш.