Adham Kako
01 Јули 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
АНКАРА (АА) - Сириската мрежа за човекови права (SNHR) соопшти дека во Сирија во првите 6 месеци од годината, во судирите помеѓу групите, животот го загубиле вкупно 1.864 цивили, пренесува Anadolu Agency (AA).
СНХР во извештајот за цивилните жртви објави дека животот го загубиле вкупно 1.864 цивили меѓу кои 468 се деца, а 285 жени.
Во извештајот на Мрежата се истакнува дека режимот на Башар ал Асад и странските терористи поддржани од Иран убиле вкупно 891 цивил, од кои 211 се деца и 136 жени.
„Во нападите на руските сили убиени се вкупно 149 цивили од кои 34 се деца, а 21 жена“, се нагласува во извештајот на Мрежата и се додава дека терористичката ЈПГ/ПКК убила 99 цивили, од кои 33 се деца и 10 жени.
Според извештајот, при нападите на ДАЕШ животот го загубиле 82 цивили, од кои 11 деца и 7 жени.
Од друга страна, при нападите на меѓународните коалициони сили врз терористичката организација ДАЕШ, 64 цивили ги загубиле своите животи, од кои 20 деца и 17 жени.
Според извештајот на Сириската мрежа за човекови права (SNHR), воените опозиционери и вооружените групи против режимот убиле 39 цивили, од кои 10 деца и една жена. Неидентификуваните групи пак, во периодот од шест месеци убиле 540 цивили, од кои 149 деца, 93 жени.
СНХР соопшти дека оваа година во јануари се убиени 197 цивили, во февруари 246, март 334, април 324, мај 416 и јуни 347 цивили.
Во извештајот се посочува дека 15 од убиените се здравствени работници, а 6 се волонтери од Цивилната одбрана (Бели шлемови).
Исто така, во извештајот се наведува дека вкупно 159 лица починале при тортура, од кои на 142 цивили при тортура од страна на режимот.