Ekipa
14 Август 2019•Ажурирај: 15 Август 2019
ИДЛИБ (АА) - Силите на режимот поддржани од Русија, игнорирајќи ги договорите од Астана, продолжија со интензивните напади од воздух и од копно и се доближија на 5,4 километри до Хан Шејхун, во западниот дел на Идлиб, каде што порано извршија масакр со хемиско оружје, пренесува Anadolu Agency (AA).
Силите на режимот продолжуваат преку напади од копно да заземаат нови населби во деескалационата зона во Идлиб.
Режимските сили го зазедоа стратешки важниот рид Тел Тери во селото Кефер Ајн, откако ја зазедоа областа Хабит на границата со Хама, јужно од Идлиб, и ридот Сукејк од Слободната сириска војска.
На тој начин режимските сили се доближија до областа Хан Шејхун во Идлиб, 5,4 километри од запад и 11 километри од исток.
- Нов потег за опсада -
Со заземањето на областа Хабит од страна на режимските сили се појави опасност од опсада на областите Кефер Зита и Латамин, кои долго време беа под контрола на опозицијата.
Сириските опозициски извори истакнуваат дека е сменет текот на конфликтите откако Хабит е под контрола на режимот на Асад. До минатата недела режимот сакал да ја прекине врската помеѓу Кефер Зита и Латамин.
- Набљудувачка точка на Турските вооружени сили во Мурек -
Постои точка на набљудување на Турските вооружени сили (ТСК) на југоистокот на Мурек, подрачје каде што напредува режимот на Асад поддржан од Русија.
Опозицијата смета дека ако нападите се прошират или се случи опсада, тогаш и точката на набљудување во Мурек ќе биде загрозена од опсадата.
- Хемискиот напад врз Хан Шејхун -
Режимот на Асад на 4 април 2017 година изврши напад со хемискиот гас сарин, при што загинаа 100 цивили, а беа повредени повеќе од 500.
По хемискиот напад, Соединетите Американски Држави (САД) на 7 април ја гаѓаа воената воздухопловна база на режимот, „Шајрат“.
Заедничката истражна мисија на Обединетите нации (ООН) и Организацијата за хемиско оружје потврди дека на 6 септември 2017 година во Хан Шејхун е употребен хемискиот гас сарин, а на 27 октомври 2017 објави дека нападот е извршен од страна на режимот.
- Состојбата во деескалационата зона во Идлиб -
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, подрачјето на Идлиб во северозападниот дел на земјата, важи за упориште на опозицијата. Во моментот, популацијата во Идлиб, поради внатрешните миграции, брои околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на режимските сили.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран, на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за деескалациона зона.
Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за прекин на огнот во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведуваат напади кои примораа над 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Податоците на Сириската мрежа за човекови права (SNHR) покажуваат дека во нападите кои ги извеле припадниците на Асадовиот режим и неговите сојузници од 26 април до 23 јуни на споменатото подрачје, животот го загубиле 487 цивили, а 1.495 се ранети.
Националната коалиција на сириските револуционерни и опозициски сили (SMDK), вчера во утринските часови упати повик со кој се бара заштита на цивилите и ставање крај на нападите на режимот и неговите поддржувачи врз подрачјето за намалување на тензиите во Идлиб.