Ekipa
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
ИДЛИБ (АА) - Најмалку еден цивил загина, а тројца се ранети во артилериските напади кои денес на пазар во Идлиб ги извршија силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и проиранските терористички групи, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили на Асад гранатираа населени места во југоисточниот дел на Идлиб и во западниот дел на Хама, а станува збор за подрачје кое е во границите на зоната без судири во Идлиб.
Локалните извори јавуваат дека цел на еден од нападите бил пазар во местото Саракиб, а дека во тој напад е убиен еден, а ранети се тројца цивили.
Цивилната заштита („Бели шлемови“) излезе на терен и ги пребарува урнатините. Се стравува дека билансот на настраданите би можел да биде значително поголем.
Идлиб е најголема енклава под контрола на опозицијата во Сирија. Со посредство на Турција и Русија, во Сочи во септември минатата година постигнат е договор за примирје во Идлиб и воспоставување на зона без судири за цивилите.
Во согласност со договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите приврзани на режимот на Асад изведоа низа артилериски и воздушни напади во тој регион.
Сириската мрежа за човекови права (SNHR) во последниот извештај наведува дека во режимските напади од почетокот на годината во Идлиб се убиени повеќе од 150, а ранети речиси 500 цивили.