Servet Günerigök
07 Јуни 2019•Ажурирај: 08 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Советничката на ОН предупреди синоќа на хуманитарна катастрофа во Идлиб, на северозападниот дел на Сирија, каде што силите лојални на режимот на Башар ал Асад ги зајакнуваат воздушните напади, пренесува Anadolu Agency (AA).
Наџат Рошди, виша хуманитарна советничка на специјалниот пратеник на ОН за Сирија, во соопштение истакна дека на околу три милиони луѓе во Идлиб им е потребна заштита
„Хуманитарната катастрофа е сериозна закана доколку насилството не престане. Нападите и борбите влијаат и на цивилите во подрачјата под контрола на Владата“, изјави Рошди и додаде:
„Последните недели владее сè пострашна бруталност. Предизвика значајни последици за цивилите и раселување на стотици илјади луѓе“.
Турција и Русија во септември минатата година се договорија Идлиб да се претвори во зона на деескалација, во која особено се забранети актите на агресија. Меѓутоа, режимот постојано ги кршеше условите на примирјето, започнувајќи чести напади во зоната.
„Да бидам јасна. Заштитата на цивилите е најважна. Имаме колективна одговорност кон жртвите од овој судир, од кои многу се премлади за да можат да ја смислат оваа бесмислена војна“, порача Рошди.
Сирија дури сега почна да излегува од разорниот судир кој започна во 2011 година, кога силите лојални на режимот на Асад неочекувано жестоко се обидоа да ги задушат демонстрациите.