Ömer Tuğrul Çam
21 Септември 2020•Ажурирај: 21 Септември 2020
БРИСЕЛ
Министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија (ЕУ) ќе учествуваат на Советот за надворешни работи на ЕУ, во чии рамки ќе дискутираат на повеќе теми, првенствено за односите со Белорусија, Либија, Африканската Унија и за Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Главна агенда на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои дојдоа во Брисел, ќе биде Белорусија. Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, пред почетокот на состанокот за новинарите изјави дека на денешниот состанок ќе се дискутира на кој начин како ЕУ ќе можат да му дадат поддршка на народот на Белорусија поради зголемениот притисок врз мирните демонстрации во земјата.
„Во исто време ќе ги преиспитаме и нашите односи со белоруската власт на чие чело се наоѓа Александар Лукашенко, кого не го признаваме за легитимен претседател на таа земја“, истакна Борел.
Тој информираше дека пред состанокот имал средба со Светлана Тихановскаја, лидерката на белоруската опозиција. Тихановскаја престојува во Брисел на покана на Давид Сасоли, претседателот на Европскиот парламент. Покрај средбата со Борел и со некои од министрите за надворешни работи на ЕУ, се очекува лидерката на белоруската опозиција да се сретне и со пратениците на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент.
Втора точка на дневниот ред на Советот за надворешни односи на ЕУ е Либија. Борел истакна дека во последно време има позитивен развој на настаните, но се наоѓаат во „претпазлив оптимизам“ и додаде: „Има позитивен напредок, постои примирје. Треба да го искористиме тоа.“
Покрај дискусиите за односите ЕУ - Африканска Унија, што е втора точка од дневниот ред на состанокот, ќе стане збор и за други теми, како што се Венецуела, односите на ЕУ со земјите од Источна Азија и Северна Африка и за Источен Медитеран.
- Источен Медитеран
Претставниците на ЕУ во секоја можност се трудат да се намалат тензиите во Источен Медитеран и го истакнуваат значењето од решавањето на проблемите по пат на дијалог. ЕУ како позитивен чекор го гледа повлекувањето на бродот за истражување на енергетски ресурси „Оруч Реис“ во пристаништето во Анталија, а Германија смета дека е потребно да им се даде поддршка на дипломатските напори меѓу Турција и Грција.
Некои од земјите на ЕУ, првенствено администрацијата на кипарските Грци бараше воведување ограничувачки мерки против Турција, но сепак, не постоеше консензус по ова прашање во цела ЕУ. Повеќе земји членки сакаат продолжување на дипломатските напори и испробување на патиштата за дијалог.
Под образложение дека изборите биле наместени и бил вршен притисок врз опозицијата, ЕУ сакаше да воведе санкции кон Белорусија, но се вели дека тоа било попречено од страна на кипарските Грци. Се вели дека администрацијата на кипарските Грци оди на картата на ставање вето за санкциите кон Белорусија сè додека не се воведат санкции и кон Турција.
Од таа причина се предвидува дека на денешниот состанок на Советот за надворешни односи на ЕУ нема да биде изгласана одлука за евентуални санкции, па одлуката по тоа прашање ќе остане да се разгледа на состанокот од лидерите на земјите членки на ЕУ, што е закажан за 24 и 25 септември.