БУДИМПЕШТА (АА) - Мехмет Јилмаз
Законската регулатива што Владата на Унгарија планира да ја воведе за фондациите на американскиот инвеститор Џорџ Сорос и невладините организации поврзани со оваа фондација, ја поделија Унгарија на два табора, јавува Anadolu Agency (AA).
Политикологот доцент д-р Золтан Кисзели и Габор Гјулаи, директор на Унгарскиот хелсиншки комитет на програмата за бегалци, во разговор за АА говореа за законската регулатива којашто е тема на дискусии во земјата.
Д-р Кисзели ја оправдува законската регулатива што унгарската Влада планира да ја воведе врз невладините организации и истакна дека Џорџ Сорос преку невладиниот сектор има за цел да ги трансформира општествата.
„Всушност, проблемот лежи во тоа што овие организации коишто не се избрани по демократски пат, се обидуваат општеството да го изменат однатре. Со измените што сака ги воведе, владата има за цел невладините организации да ги направи потранспарентни“, рече д-р Кисзели.
„Добивајќи финансиска поддршка од странство, некои невладини организации во Унгарија дејствуваат врз внатрешната политика во земјата. Планираната законска регулатива има за цел да покаже дека овие организации не се класични невладини организации, тие се организации што имаат скриени програми и водат политика што ги штити странските интереси“, вели д-р Кисзели.
- „Сорос сака да ја трансформира Европа“
Д-р Кисзели вели дека некои инвеститори и меѓународни компании имаат за цел да го трансформираат унгарското општество. Според него, Џорџ Сорос со инвестициите и со фирмите што ги претставува, се обидува да дејствува врз внатрешната политика во Унгарија со помош на невалдините организации што ги поддржува.
„Сорос се обидува да ги трансформира општествата во Европа и во тие рамки го претстави планот ‘отворено општество’. Наместо да формира политичка партија и да гo образложи планот кон кој цели, се обидува на скриен начин да го постигне тоа. На пример, Сорос во септември 2015 година напиша писмо коешто беше прочитано во август 2016 пред Европскиот парламент, во кое вели дека Европа треба да прими 1 милион бегалци годишно. Оваа програма беше проширена од универзитетите кои се поддржани од Сорос и од некои други финансиери. Овие организации вложуваат напори да ја постигнат зацртаната цел. Пример, Хелсиншкиот комитет и невладината организација ТАСЗ го повикаа населението во Унгарија да не излезе на референдумот, со што тој би бил неважечки. Овие невладини организации утврдените политички цели треба да ги спроведат во секојдневниот живот“, вели д-р Кисзели.
- „Законските измени се во согласност со демократските норми“
Д-р Кисзели истакнува дека планираните законски измени се во согласност со законските норми, додавајќи дека слични закони важат во САД, Израел и во западните земји, кои ја критикуваат владата на Унгарија без да се осврнат кон своите регулативи.
„Унгарската Влада се обидува невладините организации што се финансирани од странство да ги направи потранспарентни. Всушност, Унгарија не е посебен случај. Голем број земји во светот имаат за цел да го намалат надворешното влијание врз внатрешната политика. Унгарската Влада планира измените да ги спроведе особено кон невладините организации поддржани од САД и од Израел“, додава д-р Кисзели.
Д-р Золтан Кисзели истакнува дека унгарската Влада планира законските измени да се во согласност со меѓународното право и со законите на ЕУ. Тој вели дека по овие измени, невалдините организации не ќе можат себеси да се гледаат над политичарите.
„Контролирањето на владата и нејзино критикување е задача на невладините организации, но тие немаат право тоа да го прават во рамките на скриени планови. Овие невладини организации не го претставуваат ставот на Унгарците во политичките проблеми, како што е проширувањето на објектот за нуклеарна енергија ПАКС, ембаргото кон Русија, бегалската криза и состојбата во медиумите. Тие, кои се признати во странство, без да добијат на изборите, се обидуваат да ѝ диктираат на Унгарија, застапувајќи ги ставовите и гледиштата на странските интереси“, истакнува д-р Кисзели.
- „Целта е ширење страв“
Во Унгарија се присутни и ставови според коишто унгарската Влада, напаѓајќи го Сорос, сака да ги затскрие постоечките проблеми во државата и сака да рашири страв кај невладиниот сектор.
Габор Ѓулаи, директор на Унгарскиот хелсиншки комитет на програмата за бегалци, рече дека во Унгарија се активни илјадници невладини организации, истакнувајќи дека владата е многу вознемирена од активностите на неколку невладини организации по прашањата за бегалците и корупцијата во земјата.
Директорот Ѓулаи го брани ставот дека се прави обид да се направат симболички непријатели, како што тоа беше случај во преземените чекори во бегалската криза и продолжи:
„Слично нешто имавме во бегалската криза. Всушност, двете теми се меѓусебно поврзани. Унгарската Влада во 2015-2016 година се обиде со бегалската криза да го врати падот на популарноста и, за жал, од политички аспект успеа во тоа. Во последните две години, владата целата политичка структура ја темели на оваа тема. Во тие рамки, се обидува да пронајде друг 'непријател'. Главните непријатели на владата, и покрај поврзаноста со економијата на ЕУ, доаѓаат од Брисел и од Европската Унија. На исто ниво се Џорџ Сорос и невладините организации. Владата, која не успева да ги реши вистинските проблеми во земјата, се обидува да создаде вештачки непријатели. Наместо да ги реши проблемите во здравството во земјата и сиромаштијата, се обидува да му го отргне вниманието на народот, покажувајќи ги бегалците и невладините организации како непријатели“.
Директорот Габор Ѓулаи смета дека обидот на владата на Унгарија да воведе закон за задолжително информирање за имотната сопственост на раководителите на невладините организации значи мешање во приватниот живот.
„Ова е бесмислена измена. Единствената цел е со отежнување на работата на невладниот сектор, да се шири страв во овој сектор. Нема ништо скриено во работата на раководителите на невладините организации. Доколку ги посетите интернет-страниците на овие организации, ќе можете да ја најде целата имотна состојба“, рече Ѓулаи.
- „Очигледна е причината зошто владата се чувствува непријатно“
Ѓулаи истакнува дека организациите што покажуваат активности на полето на човековите права и корупцијата, освен од фондацијата „Сорос“, примаат финансиска поддршка и од голем број други меѓународни институции, додавајќи дека Хелсиншкиот комитет не е финансиран само од фондацијата Отворено општество (Open Society) на Џорџ Сорос.
„Покрај Европската Унија, Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации и Поткомитетот на Обединетите нации за превенција од тортура, нашата работа е поддржана од голем број значајни фондации и институции од различни подрачја во светот. Унгарскиот хелсиншки комитет продолжува да делува според зацртаниот план. Многу е очигледно зошто унгарската Влада се чувствува непријатно, бидејќи во последните години сме на врвот на организациите што најостро ги критикуваат кршењата на човековите права“, додава директорот Ѓулаи.
- Владата се чувствува непријатно
Унгарската влада предводена од Конзервативната партија Фидес, го обвинува инвеститорот Џорџ Сорос дека ги користи невладините организации за лични интереси, со цел да им диктира на локалните власти.
Претседателот на пратеничката група Фидес, Сзилард Немет, предизвика да почнат дискусиите по тоа прашање со изјавата: „Империјата Сорос ги користи лажните цивили, глобалното богатство и своите желби за да им диктира на локалните влади“.
Пратеникот Иштван Холик, член на владиниот партнер, Унгарската демохристијанска партија, даде своја процена на ситуацијата со зборовите: „Некои невладини организации што се финансирани од странство немаат никаков удел во економскиот и во социјалниот развој на Унгарија, туку имаат само политички цели. Затоа, нема некое значење нивното постоење. Нормално е нивната работа да се земе под поголема контрола“.
news_share_descriptionsubscription_contact
