Ahmet Gürhan Kartal
24 Август 2022•Ажурирај: 25 Август 2022
ЛОНДОН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека сојузниците на НАТО мора да инвестираат повеќе во одбраната бидејќи „живееме во поопасен свет“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во разговор за „Скај њуз“ (Sky News) Столтенберг рече дека, како поранешен политичар, знаел дека секогаш е „попримамливо“ да се инвестира во здравството, образованието и инфраструктурата.
„Меѓутоа, кога живееме во поопасен свет, кога ги гледаме агресивните дејствија на рускиот претседател Владимир Путин против суверената, мирољубива нација во Европа, Украина и сета заканувачка реторика против сојузниците во НАТО, тогаш мора да инвестираме повеќе“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека Обединетото Кралство и САД трошат повеќе од 2 отсто од својот БДП за одбраната, додавајќи дека има потреба да се направи повеќе заедно.
Одговарајќи на прашање за наводното намерно оштетување на нуклеарниот реактор во Украина од страна на руските сили, Столтенберг рече дека тоа е „многу опасна ситуација“ за Украина и цела Европа.
„Значи, треба Меѓународната агенција за атомска енергија да има пристап за да можеме да извршиме инспекција на локацијата. Треба Русите да ги тргнат своите сили од нуклеарната централа и ни требаат украинските оператори да можат да ја вршат својата работа во мирна и контролирана средина“, додаде Столтенберг.
Тој рече дека Русија покренала војна против Украина во 2014 година со нелегално анектирање на Крим и распоредување сили во источниот регион Донбас, каде што Москва исто така ги поддржува сепаратистичките сили.
„Значи, руската агресија против Украина не започна во февруари оваа година. Таа започна пред осум години. Потоа, се разбира, она што го видоа оваа година беше инвазија од целосен обем. И тоа беше инвазија што ја планираа многу месеци“, додаде шефот на НАТО.
Шефот на НАТО рече дека членките на Алијансата ја поддржуваат Украина со воена опрема и обука од 2014 година, зајакнувајќи ги Вооружените сили на таа земја.
„Оваа војна најверојатно ќе заврши на преговарачка маса. Претседателот Владимир Зеленски јасно го кажа тоа. Но, знаеме дека она што Украина може да го постигне на преговарачката маса зависи од нејзината сила на бојното поле. Затоа, најдобриот начин на кој можеме да обезбедиме преговорите да доведат до резултат што е прифатлив за Украина е сега да обезбедиме воена, економска, финансиска и хуманитарна поддршка на Украина“, рече Столтенберг.