Oliver Towfigh Nia,Ayhan Şimşek
22 Јануари 2024•Ажурирај: 23 Јануари 2024
БЕРЛИН (АА) - Стотици илјади луѓе вчера излегоа на улиците на Германија за да го изразат своето незадоволство кон крајно десничарската партија и нејзиниот антиимигрантски став, јавува Анадолу.
Протестите траат со денови откако се откри дека крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) дискутирала за плановите за масовна депортација на луѓе од странско потекло.
Минхенската полиција соопшти дека на протестите учествувале околу 100.00 луѓе.
Десетици илјади демонстранти протестираа и во другите градови низ Германија, како Келн и Бремен, на кои учествуваа десетици партии и локални организации.
Во главниот град Берлин повеќе од 100.000 луѓе се собраа пред германскиот Парламент за да ја осудат антидемократската агенда на крајно десничарската партија.
Некои од демонстрантите носеа транспаренти и натписи со пораки: „Заедно против фашизмот“, „Нацисти надвор“ и „Никогаш повеќе“.
Демонстрантите ги подигнаа своите мобилни телефони со запалена светилка и извикуваа слогани против АфД.
АфД, формирана во 2013 година, доби особено внимание во 2015 година кога околу милион мигранти и бегалци пристигнаа во Германија. Во Бундестагот првпат влезе во 2017 година, а се вели дека нејзината популарност повторно се зголемила по почетокот на руската инвазија на Украина.
АфД е германска конзервативна и евроскептична политичка партија што се залага за прекин на соработката со еврозоната, се противи на еврото, миграциите, ширењето на исламското влијание и истополовите бракови.
Нови државни парламенти во септември ќе се избираат во Бранденбург, Саксонија и во Тирингија, а според истражувањата, АфД би можела да стане најмоќна сила во овие три германски држави.