Ali Cura,Talha Yavuz
26 Февруари 2022•Ажурирај: 27 Февруари 2022
КИЕВ (АА) - Украинските вооружени сили во текот на ноќта се судрија со руските воени единици на улиците во главниот град Киев, известува Агенција Анадолија (АА).
Откако украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека ноќта ќе биде тешка и дека Киев не смее да биде изгубен, во делови од главниот град до зората се слушаа експлозии и истрели.
На социјалните мрежи граѓаните на Киев споделија бројни фотографии и видеозаписи на кои јасно можат да се видат судирите на улиците.
Руските трупи се обидоа да влезат во градот низ улични борби од „Улицата на победата“ на западниот влез во Киев.
Прес-службата на Украинските копнени сили известија дека од 4:08 часот по локално време нападот на воената единица околу „Улицата на победата“ е одбиен и ситуацијата е смирена.
Освен од квартот во кој се наоѓа железничката станица, истрели се слушале и од квартот Троешина, сместен во источниот дел на градот, во кој се наоѓа термоелектрана.
Во раните утрински часови пукотници се слушнале и од улицата „Богдан Хмелницки“, во центарот на Киев.
Во населбата Василкив во Киевскиот Регион дојде до интензивни вооружени судири.
Градоначалничката Василкива Наталија Балашинович за телевизискиот канал „1 + 1“ изјави дека голем број руски војници со падобрани се спуштиле во регионот. Балашинович рече дека во градот имало судири и дека руските војници извршиле ракетни напади, додавајќи дека има загинати во редовите на Украинските вооружени сили.
Министерството за одбрана на Русија извести дека воздушно-десантните единици се здружиле со елементите во воздухопловната база „Гостомел“, прекинувајќи ја нивната врска со западен Киев.
Генералштабот на Украина извести дека украинскиот систем за противвоздушна одбрана соборил авион од типот „Иљушин Il-76“, што транспортирал падобранци на руските воздушно-десантни единици во регионот Василкив, што се наоѓа на 35 километри од центарот на Киев.