Ahmet Gençtürk
25 Јануари 2022•Ажурирај: 26 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Петнаесетчлена делегација на талибанцитe се состана во норвешката престолнина Осло со специјалните претставници од западните земји поради влошената хуманитарна ситуација во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
На вториот ден од разговорите чиј домаќин е Норвешка, делегацијата на талибанците, предводена од вршителот на должноста министер за надворешни работи Амир Кан Мутаќи, одржа средба со претставници од САД, Велика Британија, Норвешка, Германија, Италија, Катар, Франција и Европската Унија.
Состанокот се фокусираше на разговорите за економијата, хуманитарната помош, безбедноста, работењето на централната банка, здравството и други релевантни прашања, објави на Твитер Абдул Кахар Балки, портпарол на привременото авганистанско Министерство за надворешни работи.
„Разговорите се во тек“, додаде тој, истакнувајќи дека целосен извештај ќе биде достапен подоцна.
Загрижена за тешката хуманитарна ситуација во Авганистан, Норвешка на 21 јануари соопшти дека ќе биде домаќин на талибанските претставници за разговори во Осло од 23 до 25 јануари.
Министерката за надворешни работи, Аникен Хуитфелд, рече дека Норвешка е „исклучително загрижена за тешката ситуација во Авганистан, каде што милиони луѓе се соочуваат со целосна хуманитарна катастрофа“.
„За да може да му се помогне на цивилното население во Авганистан, од суштинско значење е и меѓународната заедница и Авганистанците од различни сфери на општеството да се вклучат во дијалог со талибанците“, додаде таа.
Талибанците ја зазедоа власта во август 2021 година, во услови на повлекување на странските сили и по колапсот на Владата поддржана од САД. Меѓутоа, привремената администрација допрва треба да добие меѓународно признание.
Додека меѓународното финансирање останува главно прекинато, милијарди долари на земјата во странство, главно во САД, се исто така замрзнати.
Според Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA), половина од населението сега се соочува со акутен глад, над 9 милиони луѓе се раселени, а милиони деца немаат настава.