АНКАРА (АА) - ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ / ТУГРУЛ ЧАМ -
Потпретседателот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Серкан Кајалар, истакна дека тие како ТИКА во првите шест месеци во оваа година реализирале околу 800 проекти во различни области, како здравство, образование, земјоделство, сточарство и стручни проекти, со кои имаат за цел да стигнат до лицата што имаат потреба.
Кајалар во разговор за Anadolu Agency (AA) говореше за активностите кои ТИКА ги реализира во различни места во светот, како Средна Азија, Африка, Балкан, Латинска Америка.
Тој рече декa ТИКА реализира различни активности во над 170 земји во светот преку своите 61 канцеларија, кои се наоѓаат во 59 земји.
„Во првите 6 месеци во оваа година реализиравме околу 800 проекти. Преку проектите што ги развивме во различни области, како здравство, образование, реставрација, земјоделство, сточарство, инфраструктура и стручни проекти, вложуваме напор да им помогнеме на лицата и општествата што имаат потреба, меѓу кои се жени, деца, лица погодени од тероризам и обесправени групи“, истакна Кајалар.
Според него, по новиот систем на управување во Турција, ТИКА сега е под покровителство на Министерството за култура и туризам, а како што рече тој, овој нов систем има многу важен придонес во насока на произведување нови проекти.
Кајалар истакна дека во новиот период е зголемена меѓуинституционалната соработка и разновидноста на проектите, и дека реализираат проекти во координација со Претседателството на Турците во странство и сродните заедници (YTB) и Институтот „Јунус Емре“.
„И по преминувањето во новиот систем на управување во Турција“, нагласи Кајалар, „ТИКА продолжи со реализирање на своите проекти“.
„Во едногодишен период реализиравме над 1500 проекти и активности. Реновиравме или опремивме околу 70 здравствени установи, како болници и амбуланти“, додаде тој.
Кајалар информираше дека дале поддршка за реставрација и опремување на околу 200 образовни установи, и дека во оваа насока, на над 10.000 лица им овозможиле различни обуки.
Кајалар рече дека една од активностите на кои ТИКА им придава важност, се реставраторските работи, истакнувајќи дека реализирале бројни проекти за реставрација на османлиските дела.
Тој нагласи дека во овие рамки, во период од една година реставрирале околу 20 историски дела.
- „За време на месецот Рамазан, ТИКА ја испружи турската рака на над 400.000 лица“
Кајалар нагласи дека ТИКА во изминатиот месец на постот, Рамазан, реализирала бројни активности во различни земји во светот.
„Ние како ТИКА минатиот Рамазан реализиравме рамазански програми во 75 земји. Особено се обидовме да се обединиме со муслиманите во овие земји. Благодарение на рамазанските програми, ТИКА ја испружи раката на нашата земја на над 400.000 лица“, истакна Кајалар.
Тој нагласи дека бројни важни проекти на ТИКА се во процес на реализирање, меѓу кои и проектот за изградба на дом за студентки за Универзитетот „Кудс“ во Палестина, како и проектот за подготовка за вршење активности на болница изградена во Киргистан.
- ТИКА за прв пат во Азербејџан ќе обнови историски споменик
Кајалар, изјавувајќи дека ТИКА продолжува со реставрацијата на станицата „Аман“ во железницата „Хиџаз“ во Јордан, рече дека работат на тоа таму да се отвори музеј. Од друга страна, истакна дека Претседателството на ТИКА ќе изврши реставрација на Големата тврдина „Мердекан“, во градот Мердекан, која претставува значаен историски споменик во однос на конкретното културно наследство во Азербејџан.
Кајалар, истакнувајќи дека ќе го реставрираат и месџидот „Туба Шах“, кој се наоѓа во калето, нагласи:
„ТИКА има канцеларија во Азербејџан од 1994 година и ова ќе биде нашата прва реставрација во Азербејџан. Проект на кој му придаваме големо значење во однос на зајакнување на пријателските врски меѓу двете земји и придонесот кон конкретното културно наследство“.
Потпретседателот на ТИКА, Кајалар, исто така, изјави дека продолжуваат реставраторските работи на џамијата „Етем-бег“, едно од најважните дела од отоманскиот период во албанската престолнина Тирана.
Покрај тоа, Кајалар рече дека за кратко време во рамките на програмата за „Споделување на искуства“ ќе испратат 500 студенти и ученици во 35 земји, и дека тие ќе имаат можност да се запознаат со проектите на ТИКА во странство и да бидат дел од тие проекти.
- „Скоро 80 проекти на ТИКА во 30 земји се подготвени за отворање“
Изјавувајќи дека ги завршиле реставраторските работи на историскиот мост „Мехмет-паша Соколовиќ“, кој е еден од најголемите проекти на Балканот, Кајалар рече дека ги завршиле и реставраторските работи на гробовите на кралот Неџаши во Етиопија и дека за кратко време проектите ќе бидат готови за отворање.
Кајалар, исто така, рече дека при посетата на Нигер во 2013 година турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, дал инструкции за изградба на Пријателската болница Нигер-Турција, под покровителство на неговата сопруга Емине Ердоган.
„Болницата и училиштето се изградени од страна на ТИКА и се подготвени за отворање“, рече Кајалар.
Потпретседателот на ТИКА, Кајалар, исто така, нагласи дека во близина на Велико Градиште во североисточна Србија е завршено и е подготвено за отворање илјадагодишното кале Рам.
„Скоро 80 проекти на ТИКА во 30 земји се подготвени за отворање“, рече Кајалар.
- Реставрација на ТИКА во Ирак
Во својот говор, Кајалар, исто така, се осврна и на активностите на ТИКА во Ирак, истакнувајќи дека Претседателството во соработка со ирачките власти извршило различни реставраторски работи во Ирак, меѓу кои се наоѓаат и многу објекти од духовното наследство.
Кајалар, нагласувајќи дека комплексот „Шеик Абдулкадир Гејлани“ во главниот град Багдад е многу голем, рече дека ТИКА работела на поправка на штетата внатре во комплексот, како што се изградбата на главните влезни порти, реставрацијата на михработ и минберот.
Кајалар, истакнувајќи дека планираат да ги завршат реставраторските работи во комплексот до крајот на годината, наведе:
„Се надевам дека кон крајот на оваа година ќе ги завршиме реставраторските работи во комплексот „Шеик Абдулкадир Гејлани“. Тука беа многу важни и тесната соработка со внуците на Гејлани и менаџментот на фондацијата. Најважните делови од комплексот ни ги доверија нам. Тоа пак, ја покажува нивната доверба кон нашата земја. Покрај комплексот „Шеик Абдулкадир Гејлани“, ќе направиме реставрација и на комплексот „Имам-и Азам“. Цртежите на проектот се пред крај. По завршувањето на цртежите, ќе започнеме реставраторски работи на комплексот „Имам-и Азам“ според календарот на проектот.“
Кајалар, истакна дека покрај во Багдад, во многу градови на Ирак имаат проекти за реставрација и разни активности за придонесување кон развојот на земјата.
Од друга страна, Кајалар истакна дека продолжува и реставрацијата на историската чаршија Кајсери во градот Киркук во Ирак, која била опожарена и е во неупотреблива состојба.
„Се надевам дека на почетокот на есента ќе ја отвориме чаршијата Кајсери. Покрај реставрацијата, за задоволување на потребите на занаетчиите ги средуваме и продавниците“, нагласи Кајалар, потпретседателот на ТИКА.
- „ТИКА во последните 24 години во Босна и Херцеговина реализираше 900 проекти“
Кајалар, оценувајќи ги активностите на ТИКА во Босна и Херцеговина, која е домаќин на заедничкото историско и културно наследство, рече дека Претседателството за 24 години во земјата реализирало околу 900 проекти.
Нагласувајќи дека во тек е реставрација на историските гробишта „Ковачи“ во главниот град, Сараево, додаде дека во Мостар и во Бугојно продолжува реставрацијата на различни џамии.
Тој, исто така, нагласи дека ТИКА покрај реставраторските работи во оваа земја, прави многу сериозни напори за зајакнување на капацитетот на човечките ресурси.
- „ТИКА ќе отвори канцеларија за врски во Триполи (Либан)“
Кајалар, осврнувајќи се на отворањето нови канцеларии на ТИКА во странство, рече: „Во наредниот период во Либан ќе ја отвориме канцеларијата за врски во Триполи, која е важна за нас, за османлиското наследство“.
Истакнувајќи дека работите за отворање на канцеларијата се при крај, Кајалар рече дека со завршување на именувањата, канцеларијата ќе може да почне да работи.
news_share_descriptionsubscription_contact
