Bayram Altuğ
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека САД сака целосна и единствена Сирија во чија влада Башар ал Асад нема да има никаква улога, јавува Anadolu Agency (AA).
„Владеењето на семејството Асад се завршува. Единствено прашање е како тоа да се постигне“, изјави Тилерсон, по состанокот во Женева со Стефан де Мистура, специјалниот пратеник на ОН за Сирија.
Тој истакна дека имал многу конструктивен разговор со Де Мистура во врска со последните случувања во Сирија.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија потсети дека осмиот круг на мировни преговори за Сирија, кои се одржуваат во Женева ќе започнат на 28 ноември.
Тој нагласи дека за време на осмиот круг на преговори ќе се разговара за уставните прашања како и можното одржување на избори во Сирија под надзор на ОН.
Од друга страна, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш побара од Стефан де Мистура во наредниот период да ги интензивира потребните активности во врска со преговорите за сириската криза.