Kasım İleri
08 Декември 2018•Ажурирај: 09 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Поранешниот државен секретар Рекс Тилерсон за претседателот Доналд Трамп изјави дека е недисциплиниран и дека не сака да чита, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во своето гостување на телевизијата Си-би-ес“ (CBS), Тилерсон изјави дека Трамп од него, уште додека бил на функција, многупати барал да направи нешто, со што дури и се прекршувале законите.
„Мене особено тешко ми падна тоа што, по доаѓањето од компанијата „ExxonMobil“, која беше дисциплинирана и добро функционираше, работев со човек кој е недисциплиниран, кој не сака да чита, не чита извештаи од брифинг и не обрнува внимание на детали на голем број работи и само вели ’јас во тоа верувам‘“, изјави Тилерсон.
Тој истакна дека Трамп обично постапува според своите инстинкти, додавајќи дека тоа некогаш изгледа премногу импулсивно.
Тој ја критикуваше и активноста на Трамп на социјалната мрежа Твитер, напоменувајќи дека е загрижен од тоа што американските граѓани сакаат само преку социјалните мрежи да дознаат за многу важните случувања.
На неговите зборови, Трамп експресно реагираше токму преку Твитер, истакнувајќи дека е задоволен од тоа како сегашниот државен секретар Мајк Помпео ја извршува својата работа.
„Мајк Помпео врши прекрасна работа. Многу се гордеам со него. Неговиот претходник, Рекс Тилерсон, не поседуваше потребен ментален капацитет. Беше многу глупав и не можев толку брзо да се ослободам од него. Беше и многу мрзелив. Сега тоа е потполно нова игра, одлична атмосфера во државата!“, напиша Трамп.
Меѓутоа, откако го постави за државен секретар, Трамп тогаш за Тилерсон рече дека е еден од „најголемите светски деловни лидери“.
Потсетуваме, Трамп во март оваа година го смени Тилерсон, бидејќи, како тој рече, не се согласувале околу одредени прашања. Трамп тогаш изјави дека имаат различно мислење за иранскиот Договор за нуклеарната програма.